ЕКОНОМИЈА

Компаниите со 78 предлози за подобра бизнис-клима

23.05.2019 16:53

Справување со сивата економија, со скриените давачки, проблеми со градежни дозволи – ова се само дел од предизвиците со кои се соочуваат компаниите.

Членките на Сојузот на стопанските комори, забелешките ги ставија на хартија. До Владата доставија 78 мерки за подобра деловна клима.
 
„Она што беше детектирано, како нешто кое најмногу не загржува во изминатава година се сивата економија и парафискалните, скриените давачки кои им претставуваат потешкотија на компаниите. Тие и за фирмите и за граѓаните претставуваат секојдневно оптоварување“, изјави Данела Арсовска, претседателка на Сојузот на стопански 
 
Вицепремиерот Анѓушев тврди дека има позитивни движења во економијата. Вели дека растот на БДП се темели на реалниот сектор, а не на активностите на државата, индустриско производство е во позитива од речиси 9 проценти, тврди и дека има раздвижување кај капиталните инвестици и кај директните странски вложувања, а се намалува и невработеноста. Владата уверува дека внимателно ќе ги скенира предлозите на коморите. 
 
„Го добив списокот на вашите мерки. Лично мислам дека најголемиот дел од нив можат да бидат имплементирани, но некои не можат. Сепак, ќе се трудам сè она што е таму напишано, а е реално за имплементација да биде колку што е можно побрзо имплементирано преку административните лавиринти на државата“, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања
 
Пред бизнисмените се обрати и премиерот Заев. Рече дека повратот на ДДВ што стартува на 1 јули е пример за мерка којашто потекнува од Сојузот на стопански комори. Евазијата на данокот на додадена вредност ја процени на 30 проценти, но очекува да се промени тоа во идниот период. Најави и дека ќе ги мотивира компаниите да ги пријават работниците на вистинската сума, а не дел од платата да ја даваат на рака. 
 
Според премиерот, земјава се наоѓа во таканаречен „меден месец“, да ги црпи поволностите од извесното членство во НАТО и очекуваниот датум за почеток на преговори со Европската унија. 
 
Мартин Пушевски