ИРАН

Рохани не попушта на притисокот на САД

24.05.2019 13:45

Иранските власти категорични – не попуштаме под притисокот на Вашингтон....

Пентагон најавува зголемување на воениот капацитет во Персискиот залив... Русија со осуда за потегот којшто би имал сериозни последици...

Иранскиот претседател Хасан Рохани ги предупреди САД дека нема да попушти ниту  под нивниот притисок ниту пак  при евентуално бомбардирање од непријателот. Воените генерали во Техеран се заканија – секој непријателски авантуризам ќе добие соодветен одговор.

Хасан Рохани - Претседател на Иран

Мораме да се спротивставиме, нашите непријатели треба да знаат дека и кога ќе ја бомбардираат нашата земја, и кога нашите деца ќе бидат убиени, ранети или апсени, ние нема да се откажеме од нашите цели независноста и достоинството. Иранскиот народ со отпор и единство ќе ги порази САД, израелскиот режим, регионалните опоненти.


Тензите меѓу двете земји се зголемија откако Пентагон го зголеми военото присуство на Блискиот исток поради тврдењата на Вашингтон за нова опасност од Иран кон нивните трупи и интереси во регионот. Во најава е и ново засилување на капацитетите во Персискиот Залив.

Патрик Шенахан - Шеф на Пентагон

Сакаме да го избегнеме ризикот на погрешна проценка. Нашата работа е да спречиме, не да војуваме. Имаме мисија на Блискиот исток. Слободна пловидба, борба против тероризмот во Ирак и во Сирија, пораз врз Ал каеда во Јемен, а и безбедноста на Израел и Јордан.


Откако се повлече од Договорот за нуклеарната програма на Иран, американскиот претседател Доналд Трамп ги реактивираше строгите санкции кон Техеран. Од неколку земји побара и прекин на увозот на иранска нафта за да не се соочат и самите со казнени мерки. Русија предупреди дека потегот на Вашингтон може да има сериозни последици.

Марија Захарова - Портпарол на руското МНР

Со усвојување на санцкии, вршење на воен притисок и употреба на остра и агресивна реторика, Вашингтон намерно го провоцира Иран и бара причина за директен судир. Ова е опасна политика.

Пред четири години, покрај САД и Русија, потпис на Пактот за иранската нуклеарна програма ставија и Франција, Кина, Британија и Германија. Со него, меѓународната заедница се обиде да го запре производството на овој тип оружје во замена за укинување на економските санкции. Иранските власти и натаму тврдат дека нуклеарната програма се развива и користи за мировни цели.