Скопје се гради, но дали вистински се развива?
Македонската метропола го менува ликот. Никнуваат нови зданија за колективно домување.

Заводот за статистика пресмета дека на ниво на држава, само во првиот квартал од годинава се издадени одобренија кои предвидуваат изградба на речиси 1.200 станови. Најголемиот дел се за Скопскиот регион.
„Скопје интензивно се гради. Сепак, ова ја отвора дилемата дали градот се развива како модерна метропола и дали се води сметка за животната средина, за соодветни комунални решенија, за сообраќајот, за она што значи квалитет на живот“, stand up: Мартин Пушевски
Урбанистите предупредуваат дека отсуствува сериозна страгија за развој на Градот. Честопати, приватниот интерес има приоритет над јавното добро, па така, го снемува зеленилото, се зголемуваат сообраќајниот хаос и аерозагадувањето, се загушува просторот.
„На толку интензивна градба, бидејќи сите сакаат да градат, а општините мислат дека така ќе соберат пари од комуналии, забораваме дека тоа навлекува огромен број луѓе кои со себе носат огромен број на возила, кои потоа го узурпираат просторот за зеленило, улиците стануваат неопроодни, што резултира со загадување, со намалување на зелена површина, со узурпација на тротоарите“, изјави Дивна Пенчиќ, професор на Архитектонскиот факултет
Екипата на МТВ беше на терен со противпожарната единица. Секојдневието на службите кои треба итно да реагираат на повик на граѓаните покажува дека проблемот е многу конкретен и сериозен.
„За припадниците на Притивпожарната бригада, времето е клучниот елемент за навреме и успешно да ја завршат операцијата. Но, како да се стигне навреме во услови на густ сообраќај и непроодни улици“, stand up: Мартин Пушевски
Возилото тешко се пробиваше, иако пожарникарите велат дека во изминативе години е подобрена сообраќајната култура.
„Колкаво е просечното време на стигнување до одредена локација? 7,8 минути, зависно од периодот, каде е местото, може и 10 минути да фати“
Но, интензивната и честопати непланска градба, со несоодветни пристапи до објектите, како и неправилно паркираните автомобили е она што им создава големи проблеми на пожарникарите.
„Пристапот до тие објекти ни е отежнат. Понекогаш отстрануваме жардињери за да поминеме, автомобили се паркираат на улица, тоа е голем проблем. Ние можеби ќе стасаме за брзо време, но кога ќе стигнеме на местото не можеме да пристапиме брзо, времето го губиме, а секоја секунда за оние на кои им гори е како да не чекаат еден ден“, изјави Сретко Цимевски, командир на чета во Притивпожарната бригада
Градежниците велат дека прстот не треба да се вперува кон нив, бидејќи тие работат врз основа на веќе донесен детално урбанистички план.
„Градежните компании не се тие кои прават што сакаат, се гради исклучиво во согласност со ДУП. Градежните компании не се виновни што одредени делови од Скопје се доведени во таква состојба, тоа е направено при носењето на ДУП-овите“, изјави Ивица Јаќимовски, претседател на Градежната комора при ССК
Факт е дека локалните самоуправи го отвораат просторот за градежната експанзија, бидејќи општинските буџети се полнат со парите од комуналии. Но, дали тоа треба да биде на сметка на здравјето и добробитта на граѓаните?
„Граѓаните не се свесни за ризикот во околината или во зградата во којашто живеат. Најчесето, урбанистичките планови се гледаат како планови за организација на градењето, но тие треба да бидат планови за квалитетен живот на луѓето. Институциите треба да застанат во одбрана на обичниот човек, бидејќи вредноста на животот треба да биде пред сè останато“, изјави Јана Белчева – Андреевска, претседател на Советот на општина Центар
Со овој прилог, Јавниот сервис се приклучува кон кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии, а е финансирана од Британската амбасада.
Мартин Пушевски
