ЕКОНОМИЈА

Капиталните инвестиции слаби, Владата оптимист

28.05.2019 15:55

Министерот за финансии оптимист дека годинава ќе има подобри остварувања кај капиталните инвестиции во однос на лани.

И покрај тоа што податоците за првите четири месеци покажаа дека реализицијата е слаба и изнесува само 9,83 проценти или 41,5 милиони евра, Тевдовски бара да се земат предвид и вложувања на ЈП за државни патишта, коишто не влегуваат во пресметката.

„Јавното претпријатие за државни патишта е надвор од буџетот и тоа годинава реализира многу подобро во однос на лани, реализира за трипати подобро. Тоа, заедно со првите показатели за првиот квартал ни дава оптимизам дека економијата ќе се движи позитивно и подобро од минатата година“, изјави Драган Тевдовски, министер за финансии 

Министерот за транспорт Сугарески тврди дека во неговиот ресор, реализацијата е добра.

„Во патната инфраструктура, железничката инфраструктура, гасификацијата, социјалните станови очекувам 100% искористеност, така што во ресорот транспорт и врски очекувам сериозна реализација на капитални инвестици, без најавениот или ненајавениот ребаланс на буџетот“, изјави Горан Сугарески, министер за транспорт и врски

Народна банка измери позитивни движења во првите три месеци од годинава. Констатираше дека економските фундаменти се здрави и нема присуство на нерамнотежи.

„Расположливите краткорочни индикатори, како на пример податоците за индустриското производство, трговијата, монетарните податоци генерално упатуваат на натамошно продолжување на економската активност во првиот квартал“, изјави Анита Ангеловска – Бежоска, гувернен на Народна банка

Во однос на владините проекции, министерот Тевдовски вели дека движењата на економијата засега се попозитивни, но не откри дали и кога би се направил ребаланс на буџетот, којшто премиерот Заев како можност го најави за почетокот на летото.  

Мартин Пушевски