УНГАРИЈА

Потона брод во Дунав во Будимпешта, има жртви

30.05.2019 13:36

Јужнокорејски туристи настрадаа во бродска несреќа на Дунав во Будимпешта. Причина за трагедијата во којашто има и исчезнати лица е судир со друго пловило.

Унгарските власти ги земаат предвид и водните струи предизвикани од зголеменото ниво на реката по поројните дождови. Сеул праќа своја делегација во Будимпешта.

Загинати, повредени и исчезнати во бродски судир на реката Дунав во Будимпешта. Туристичко пловило се преврте по удар од друг брод пред Парламентот во унгарската престолнина.  Во моментот на несреќата превезувал триесет патници, од кои повеќето биле од Јужна Кореја, тројца туристички водичи и двајца Унгарци од екипажот. Бродот „Сирена“ оперира редовно во водите на Дунав и има дозволен максимален капацитет од 45 патници. За утврдувањето на точните причини за несреќата, надлежните ја зедоа предвид и водната струја предизвикана од зголеменото ниво на реката по поројните дождови во последните неколку денови. Спасувачките екипи успеаја да ги лоцираат остатоците од бродот, но предупредија дека силната струја ќе им ги намали шансите да најдат преживеани.

Пал Гјорфи - Портпарол на националната амбуланта во Унгарија

Распоредени се 17 единици на брегот на Дунав, на различни локации. Досега хоспитализиравме седуммина и нивната состојба е стабилна. Имаме и седум смртни случаи, за жал, обидите да ги реанимираме не успеаја.

 

Портпарол на националниот директорат за справување со кризи

Ние помагаме во операциите на спасувачките тимови, а ангажирани се и волонтерски нуркачки организации, како и воените екипи за нуркање. Нашите колеги трагаат по преживеани.

Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја ќе испрати своја делегација во Будимпешта. Владата во Сеул се соочи со слична катастрофа во 2014 година кога потона траект крај југозападниот остров Џиндо при што загинаа 304 лица. Како причина беа наведени повеќе фактори како неискуството на екипажот, несоодветни регулативи и прекумерен товар. Капетанот беше осуден за убиство.