ЕКОНОМИЈА

Забелешките од ЕК прифатени, се спроведуваат реформи

30.05.2019 16:08

Европската комисија ги препознава реформите за подобрување на системот на јавните финансии – оценува креаторот на државната каса.

За забелешките од Брисел, Тевдовски посочува дека веќе е изготвена Стратегија за борба против сивата економија, намален е лимитот за плаќање во готовина и е подобрена фискалната транспарентност.

Преземавме 15 големи мерки со коишто на различен начин го подобривме процесот од буџетското планирање до извршувањето на буџетот. Донесовме фискална стратегија којашто ги поставува клучните параметри на планирањето и на трошењето на среден период и со тоа правиме јасна рамка каде ќе се движи јавната потрошувачка“, изјави Драган Тевдовски, министер за финансии

Сепак, Брисел препорачува да се внимава како се трошат јавните пари.

„Владата презеде мерки за подобро управување со јавните финансии и за транспарентноста. Ги усвои реформите за оданочување на приходите и за пензискиот систем. Сепак, начинот на трошењета се влоши, па фискалната консолицација треба да биде поамбициозна за да ги стави јавните финансии на одржлив пат“, се наведува во Извештајот.

Брисел очекува реформа на администрацијата, спроведување на договорите, мерки за подобрување на пазарот на труд, зашто работниците ги немаат потребните вештини, поголема ефикасност во борбата со сивата економија и собирањето даноци за да се спречи даночна евазија.

„Борбата против сивата економија е наша стратешка цел. Можам да кажам дека имаме натфрлување на планот и на наплатата во однос на претходните години, но борбата со сивата економија не е борба со којашто преку ноќ можеме да се избориме. Бараме соодветни механизми и начини и се справуваме во рамки на нашите надлежности“, изјави Сања Лукаревска, директорка на УЈП

Во делот на земјоделството, Комисијата смета дека земјава е умерено подготвена, со забелешка за капацитетите на Платежната агенција за искористување на парите од ИПАРД-програмата. Оценети се како недоволни.

„Јас сум убеден дека овојпат ќе имаме целосна искористеност на ИПАРД средствата и ќе дојдеме до момент на барање дополнителни средства. Постапките за зголемување на капацитетите на платежната агенција се во тек“, изјави Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство

Европската комисија наведе дека економскиот раст продолжил по година на стагнација, но се посочува дека инвестициите биле недоволни, а останале нереализирани и проекти во инфраструктурата.

Новинар: Мартин Пушевски