Аерозагадувањето го убива населението!
Пролет, граѓаните на земјава дишат со полни гради.

Ретко кој и помислува дека цела зима се гушевме во загаден воздух со екстремно високи концентрации од штетните ПМ-честици.
„Проблемот со аерозагадувањето се актуелизира во зимскиот период, кога луѓето самите ќе ја почувствуваат миризбата и кога вредностите на мерните станици неколкукратно ќе бидат над дозволеното. Но, за справување со проблемот, потребно е да бараат решенија во текот на целата година“, stand up: Мартин Пушевски
Од астма до рак, проблеми со срцето и белите дробови, мозочни удари - аерозагадувањето убива! Во земјава, годишно носи и по 2 илјади животи.
„Од 40 до 80% од овие луѓе ние може да ги спасиме ако ги постигнеме нормите што ги бара ЕУ. Генерално, скопската популација целата е загрозена, бидејќи контиунирано и со децении е изложена на високи концентрации на загаден воздух. За жал, ќе им направиме добар бизнис на продавачите на пречистувачи и маски, но тоа не е успех, тоа е пораз за една држава“, изјави професор Драган Ѓорѓев, Институт за јавно здравје
Професорот Ѓорѓев вели дека поради здравствени последици од загадениот воздух на годишно ниво се трошат речиси 3,5 милиони евра, но ако се додадат и индиректните последици, сумата надминува 200 милиони евра. Светска банка, пак, изброи 300 милиони.
„Тоа се огромни трошења, кои ако ги пренамениме во таканаречените скапи мерки од коишто се плашат градоначалниците, како воведување трамвај, електрификација на сообраќај, ограничување за градење, поголеми зони на зеленило ќе излезе дека тие мерки нема да бидат скапи. Зошто во нивнте глави нема доволен мотив да се преземат мерки е енигма и за мене“, изјави професор Драган Ѓорѓев, Институт за јавно здравје
Обединетите нации алармираа дека луѓето во сите поголеми градови на Западен Балкан се изложени на едни од највисоки концентрации на загаден воздух. Затоа, еко-активистите бараат надлежните многу поенергично да се справувуваат со проблемот.
„Разликата од претходно е дека има некаков слух, се креира некаква слика дека имаат разбирање за она што ние го предлагаме, но реализација на истото, односно политичка волја за тоа да се спроведе нема“, изјави Александра Бујароска, директор на Фронт 21/42
Скопје, Битола и Тетово се меѓу 10-те најзагадени градови во Европа. Просечното ниво на концентации на штетните честички во текот на годината е двојно повеќе од максималната граница, иако дел од мерните станици, кај Ректорат и Лисиче зимава не беа во функција.
„Проблем е што тие инструменти се стари, за дел од нив повеќе не постои производител и затоа не е едноставна замената“, изјави Јани Макрадули, заменик-министер за животна средина
Затоплувањето на домаќинствата, индустријата, сообраќајот, недостигот од урбано зеленило – долга е листата каде што се потребни мерки. Макрадули вели - мора да се најде алтернатива за оние што се греат на дрва.
„Денеска, ако регуларно ги купите дрвата, споредено со цената на електричната енергија, поевтино ви е греењето на инвертор “, изјави Јани Макрадули, заменик-министер за животна средина
„Целосно разработениот концепт на нови сообраќајни решенија започнуваме да го имплементираме, се надевам дека Владата ќе смогне сила да обезбеди средства за трамвајот во Скопје“, изјави Петре Шилегов, градоначалник на Скопје
„Ние не можеме да спроведеме дна проста мерка како пренасочување на сообраќај низ градот“, изјави Александра Бујароска, директор на Фронт 21/42
Со овој прилог, Јавниот сервис се приклучува кон кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии, а е финансирана од Британската амбасада.
Новинар: Мартин Пушевски
