ЕНЕРГЕТИКА

Објавен тендер за изградба на фотоволтаици

10.06.2019 13:46

Владата на маса со инвеститорите за изградба на фотоволтаичните електрани. Објавен е тендерот. Ќе победи оној што ќе побара најмала поддршка од државата.

Надлежните очекуваат инвестициски циклус од 50-ина милиони евра.

Со објавувањето на првиот тендер за доделување локации на државно земјиште,  почна инвестицискиот циклус за изградба на фотоволтаични електрани со вкупна инсталирана моќност од 200 мегавати. Стартот е со 25 мегавати во Свети Николе и уште 10 во Македонски Брод. Услов да се добие локација е минималниот премиум, односно ќе победи оној кој ќе побара најмала поддршка од државата. Инвестицискиот циклус се проценува на 50-ина милиони евра.

„Колку средства ќе се одвојат од буџетот ќе зависи од тоа колкави премиуми ќе се постигнат. Јас сметам дека тоа ќе бидат минимални средства во однос на ефектите. За сите планирани 200 мегавати, тој износ нема да надминува повеќе од 4 милиони евра на годишно ниво “, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања

 Анѓушев пред инвеститорите посочи дека државата ја презема обврската за урбанизација на локациите, за изградба на соодветна инфраструктура, за пренамена на земјиштето. Договорено е цената за приклучок на мрежата да се движи меѓу 20 и 30 илјади евра по инсталиран мегават, што според дел од бизнисмените, е доста висока.

„Тој трошок не е за занемарување. Мислам дека цената е доста висока. На пример, за 25 мегавати, ако е просечната цена 25 илјади евра, излегува 750 илјади евра за 25 мегавати, мислам дека е тоа навистина висока цена за приклучок“, изјави Горан Паунов, бизнисмен

Надлежните велат дека тендерот е димензиониран и за мали и за поголеми инвеститори. Ако некој е заинтересиран за изградба на капацитет од 5 или 10 мегавати, нема да може да конкурира за 1 мегават.

“Секој оној што може да одвои 150 илјади евра сопствени средства може да учествува на тендерот. Секој што има два стана, може да ги стави под хипотека и да учествува на тендерот ако е доболно храбар и знае што прави. Ако не знае што прави, и милиони евра да му дадете нема ништо да направи“,  изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања

Тендерот ќе трае два месеца, а понудите ќе се отвораат јавно на 21 август. Надлежните очекуваат напролет од фотоволтаиците да се добијат и првите количества електрична енергија.  

Новинар: Мартин Пушевски