Се уште имаме многу да учиме
Двата пораза во двата евроквалификациски натпревара на домашен терен, со мислите не вратија во некои времиња што сакавме да ги заборавиме, но никако не можеме да ги избришеме од меморијата.

Австрија не докусури, и тоа квалитетно, по раната што ја отвори Полска. Не е проблем поразот, туку Австријците не надиграа и направија повторно да се чувствуваме инфериорни, откако поведовме, па потоа ни покажаа како се игра фудбал. Полска во манир на голем фаворит, дојде, си постигна еден гол, доволен за три бода.
Со овие два меча дома, што требаше да бидат заокружување на убав почеток на еден квалификациски циклус од кој што требаше да се надеваме на пласман на големата сцена наредната година, го расипавме впечатокот од воведната победа против Летонија со 3:1 и ремито 1:1 кај Словенија.
Во групата Г, Македонија е на 5-та позиција со 4 бода, зад Полска со 12, Израел со 7, Австрија со 6 и Словенија со 5 бода. Зад нас се Летонците, со НУЛА бодови.
Во септември, гостиуваме кај Израел и во Летонија, во октомври сме им домаќини на Словенците и одиме во Полска, за да завршиме со ноемвриските мечеви – на гости со Австрија и дома со Израел.
Реално, шансата за пласман на Европското првенство 2020-та година, треба да ја бараме преку плеј-офот во Лигата на нациите, каде што со два натпревара со соодветни противници, може да избориме место на континенталната смотра, следната година.
