ПАРЦЕЛИ

Нови услови за закуп на земјоделско земјиште

12.06.2019 10:54

Нови услови за закуп на земјоделско замјиште. Со владините измени на законот се предвидува можност за градба на објекти на државно земјоделско земјиште. Лицата до 40 години ќе бидат ослободени од плаќање на закупнината во првите 3 години.

Земјоделците ќе можат да земат земјоделско земјиште под закуп од државата и на него да градат спортско-рекреативни комплекси, угостителски објекти, ресторани и други капацитети.

Оваа се клучните измени во Законот за земјоделско земјиште, кои добија зелено светло од Владата и се пратени во собраниска процедура.

Измените на законот се дизајнирани да придонесат за зголемување на овој вид на инвестиции од страна на земјоделските стопанства, со што ќе се зголеми искористеноста на европските пари со аплицирње во ИПАРД- програмата.

Новините треба да овозможат и поголемо вклучување на младите лица до 40 години кои ќе бидат ослободени од плаќање на закупнината 3 години откако ќе добијат државно земјоделско земјиште.

Се решава и проблемот на пчеларите со недостатокот на површини за поставување на пчелни семејства, кои ќе може да закупат државно земјиште за оваа цел. И земјоделците што веќе користат хектар или два државно земјиште ќе може да аплицираат за дополнителни парцели, сè до обезбедување на површина од 10 хектари, со што се создаваат услови за окрупнување на површините и за зголемување на производството.