БРИСЕЛ

Пендаровски на средби со Туск и Могерини, побара датум за преговори

12.06.2019 13:57

Претседателот Пендаровски во Брисел побара датум за преговори со земјава.

По средбата со првиот човек на Европскиот совет, Доналд Туск, шефот на државата рече дека е потребно да се вреднуваат донесените храбри и тешки одлуки и спроведените суштински и темелни реформи. Се усогласуваме со политиките на Брисел, на потег е Унијата да покаже визија и лидерство – повика Пендаровски.

„Овој јуни, ЕУ има историска можност да покаже визија и лидерство за иднината на целиот наш регион, со тоа што ќе и додели датум за преговори на Северна Македонија. Нашите граѓани не бараат незаслужена награда, туку заслужена шанса за да изградиме европска држава, со праведно, хумано и напредно општество. Свесни сме дека се потребни уште реформи и се согласувам дека имаме слабости и ни претстои уште работа, но морам да истакнам една балканска политичка реалност – ние сме најефикасни кога пред нас имаме конкретни задачи, а преговорите за членство се најдобрата реформска алатка“, изјави Стево Пендаровски, претседател на државата

Прашањето не е дали, туку кога – одговори претседателот на Европскиот совет. Туск потврди дека земјава направила сè што е во нејзина моќ и ги испраќала вистинските политичките сигнали што ги барала Унијата, но посочи и оти во овој момент, не сите членки се подготвени да донесат одлука за преговори.

„Не сакам да ја прејудицирам одлуката на Европската унија. Вие направивте сè што се очекуваше од вас, но сакам да бидам искрен со вас – не сите земји-членки се подготвени да донесат одлука за отворање на преговорите во деновиве што претстојат. Јас лично мислам дека може да има само една одлука, да се отворат преговорите во согласност со препораките на Европската комисија, и со Северна Македонија и со Албанија. Затоа, прашањето не е дали, туку кога“, изјави Доналд Туск, претседател на Европскиот совет

Пендаровски во Брисел на разговори и со шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, кои следуваат откако Комисијата даде чиста препорака за земјава, но и откако 13 членки на ЕУ побараа месецов да се отворат пристапните преговори.  Посетата на Пендаровски на Брисел е прва откако стапи на функцијата претседател, а тоа како што рече, на симбиличен начин го покажува нашиот изборот за членство во ЕУ и во НАТО.

Новинар: Мартин Пушевски