Оставка од шефот на управата за гранична заштита
Оставка од шефот на управата за царина и заштита на границата на САД поради нехуманите услови во кои се сместени децата на илегалните мигранти..

Демократите најавија закон од 4 и пол милијарди долари помош за мигрантското прашање на јужната граница, но претседателот Трамп се заканува со вето..
В.д. директорот на Царинската и граничната заштита на САД најави оставка неколку дена откако беше откриено дека над 100 деца-мигранти живеат во екстремно нечовечни услови. Според планот на претседателот Доналд Трамп, на негово место доаѓа в.д. директорот на Единицата за миграција и царина (ИЦЕ) Марк Морган, поддржувач на идејата за ѕид со Мексико и поранешен шеф на граничната патрола во мандатот на неговиот претходник Барак Обама. Според законот за миграција, малолетниците без придружба не смеат да бидат задржани повеќе од 72 часа.
Марк морган - в.д. Директор на ИЦЕ
Секогаш постојат предизвици. Ние постојано се обидуваме да сме подобри, но не е вистина дека постои систематски проблем. Фактите говорат поинаку.
Доналд Трамп - Претседател на САД
Јас не зборував со него, мислам дека воопшто не сме разговарале. Но знам дека способни луѓе работат таму. Сега состојбата е подобра од порано. Многу од децата доаѓаат од места за кои не ни сакате да знаете.
Адвокатски тим тврди дека 250 деца се сместени во преполниот центар во Клинт во близина на Ел Пасо, Тексас каде што немаат основни средства за живот. По скандалозната објава на медиумите, на социјалните мрежи се огласија и поранешни заложници на сомалиските пирати и авганистанските талибанци, кои тврдат дека дури и тие добивале сапун и четкички за заби додека биле заробени.
Елора Мукерџи - Адвокат
Голем дел од овие деца немаа пристап до вода. На себе носат валкани алишта со кои ја минале границата.
Во меѓувреме, за решавање на проблемот со мигрантите на границата со Мексико, Претставничкиот дом одобри буџет од 4 и пол милијарди американски долари. Мерката гарантира ограничување на начинот на кој ќе се трошат парите и на кој ќе се третираат децата. Нацрт-законот оди на гласање во Сенатот со републиканско мнозинство. Претседателот Трамп се закани со вето.
Ненси Пелоси - Претседател на Претставничкиот дом
Семејствата треба да се заедно. Во моментов, мали деца преживуваат траума и голем страв. Многумина живеат во бедни услови во станиците на граничната патрола. Спијат на студен под без ќебе и оброк. Осумгодишни, деветгодишни деца чуваат бебиња бидејќи нема кој друг.
Најнови жртви во мигрантскиот карван од Централна Америка се татко и двегодишна ќерка кои се удавија во водите на Рио Гранде во близина на границата со САД.
