Предлог-закон за поврат на ДДВ
Проектот „Мој ДДВ“ пред пратениците. Власта очекува намалување сивата еконоија и повеќе приходи кај граѓаните.

Опозицијата обвинува дека се носи ад-хок мерка што е во корист само на богатите. Според ВМРО-ДПМНЕ, власта признава дека УЈП нема капацитет да се бори со даночната евазија.
Собраниска расправа за проектот „Мој ДДВ“ што ќе стартува од 1 јули. Купувачите ќе имаат право на 15 процентен поврат од данокот на додадена вредност. Главна цел на проектот е да се зголеми наплатата на даноци и да се намали сивата економија, бидејќи купувачите, на кои ќе им биде вратен дел од платениот ДДВ ќе бараат фискални сметки, со што ќе ја имаат улогата на инспектори. За да го остварат правото, тие преку софтвер ќе треба да ги пријавуваат податоците од бар-кодот на фискалната.
„На располагање ќе бидат сите вработени во УЈП и над 80 волонтери, сигурно дека на пензионерите и на повозрасните граѓаните ќе им треба помош за да се реализира мерката. Треба да се има предвид дека Законот не претставува социјална мерка, главна цел е борба против неформалната економија“ , изјави Ширет Елези – заменик-министер за финансии
„Носењето на овој Предлог-закон е доказ дека УЈП нема институционален и човечки капацитет да се бори со даночната евазија, односно со нерегистрирањето на готовинскиот промет преку фискалниот систем“, изјави Драган Цуклев, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ
Поставени се два лимита: износот на пресметан данок, од кој ќе се врши повратот ќе биде најмногу 12 илјади денари во едно тримесечје, а највисокиот износ на поединечна фискална сметка е ограничен на 30.000 денари.
„Му се дава можност на секој да добие поврат на ДДВ, но тоа да не биде можност за најбогатите кои трошат и најмногу средства. Значи, шансата е за сите во согласност со можностите“, изјави Панче Иванов, пратеник од СДСМ
„Овој проект не е издржан и ќе им донесе бенефит само на побогатите семејства. Математиката покажува дека на илјада денари и ДДВ од 18%, повратот изнесува само 27 денари, или на сметка од 10 илјади денари тоа се 270 денари“, изјави Лилјана Кузмановска, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ
Според очекувањата на надлежните, на граѓаните годишно ќе им се враќаат околу 50 милиони евра.
Новинар: Мартин Пушевски
