Важни билатерлани средби на самитот на Г-20
Јапонија е домаќин на самитот на дваесетте најразвиени економии во светот. Дводневниот настан се одржува во Oсака под засилено полициско обезбедување.

Главна ѕвезда е американскиот претседател Доналд Трамп којшто овој пат користи посмирен тон во разговорите со своите колеги.
Домаќинот на годинашниот самит на 20 најразвиени економии во светот, јапонскиот премиер Шинѕо Абе очекува подобрување на слободната трговија и одржливиот економски раст со користење на дигиталните податоци и иновациите. Во Осака се разговара за опасноста од трговска војна меѓу САД и Кина, зголемените тензии на Блискиот исток, но и за климатските промени.
Шинѕо Абе - Премиер на Јапонија
Сакаме да испратиме силна порака со нашиот придонес во соочувањето со предизвиците за меѓународната заедница, како што се одржливиот раст на светската економија. Без соработката на Јапонија и САД, немаше да стигнеме до оваа цел.
Американскиот претседател Доналд Трамп става акцент на амбициозната агенда позната како „Америка на прво место“. Неговата администрација е фокусирана на опасноста од судир со Иран, и разгорување на трговската војна со Кина. На средбата со претседателот на Русија Владимир Путин, на шега му кажа да не се меша во наредните избори во САД.
Доналд Трамп - Претседател на САД
Огромна чест ми е што сум овде со претседателот Путин, со неговите претставници, со моите претставници, имаме многу теми за диксусија, вклучувајќи трговија, разоружување, малку протекционизам на позитивен начин. Имавме одличен состанок, имаме многу добри однос.
Владимир Путин - Претседател на Русија
Целосно се согласувам со претседателот Трамп, имаме теми за дискусија. Тие се утврдени. Не сме се виделе од самитот во Хелсинки. Иако нашите тимови соработуваа, одлично е што имаме продолжение на тоа.
На Самитот учествуваат повеќе од 30.000 лица, вклучувајќи и над 2.000 акредитирани новинари. Јапонската полиција во Осака ги зголеми мерките за безбедност, а полицијата забрани користење дронови во овој период. Групата 20 претставуваат 85 % од светската економија, 75 % од глобалната трговија и опфаќаат 2/3 од светската популација.
