БЕЛЕНЕ

,,Белене“ станува регионален проект

29.06.2019 15:54

Сите заинтересирани држави и компании што сакаат да учествуваат во градбата на втората бугарска атомска централа ,,Белене“ можат да се пријават во крајот на август,изјави неодамна министерката за енергетика Темјанужа Петкова.

Како инвеститори можат да се јават бугарски,странски или пак мешовити компании,а целата постапка треба да заврши до мај 2020-та,најави Петкова.Според неа проектот за нуклеарката Белене е регионален ,од значење за цела југоисточна Европа.

Темјанужа Петкова-министер за енергетика на Р.Бугарија

,, Покрај компаниите со првичен интерес за  проектот, беше испратена и покана за учество во процесот на селекција на стратешки инвеститори до: Република Северна Македонија, Република Србија и Република Црна Гора.“

Начелно сите  земји од регионот се заинтересирани за  струја од нуклерката во Белене,меѓу нив и ние.Белене е можеби најлесното,наједноставното и најбрзо решение за обезбедување  базна енергија, смета вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Кочо Анѓушев-вицепремиер за економски прашања

,,И ние  како и целиот регион сме заинтересирани  да учествуваме во изградбата на  бугарската атомска   централа Белене, но се уште не е дефиниран концептот, ниту финансиската конструкција и структурата на инвеститорите .Тоа е наједноставен ,најбрз и најефтин начин да се обезбеди потребната  базна  енергија.“

Засега  како потенцијални стратегиски инвеститори во игра се моќни државни компании од Русија,Кина и од Франција. Бугарија посакува  во проектот да влезе Русија чија што компанија ,,Атомстројекспорт“  веќе  испорача  добар  дел од купената опрема за Белене.Рокот од 10 години за завршување на нуклеарката е реален,но може и да се скрати , вели министерката Петкова ,која што очекува  во проектот со најмалку 30% да учествуваат и бугарските компании.

Досега е изграден поголем дел од потребната инфраструктура,патиштата,железничката линија,пристаништето и бетонската основа.Останува да се изградат реакторскиот простор и турбинската сала.Атомската централа во Белене ќе зафаќа површина од околу 2500 хектари.Бугарија реши втората  нуклеарка  да ја гради на пазарен принцип и без државна гаранција.

Свето Николовски