ПЕНЗИИ
Приватните друштва чуваат милијарда евра
04.07.2019 18:36
Приватните пензиски друштва чуваат една милијарда евра, покажуваат податоците на МАПАС.

Имаат над 490 илјади осигуреници. Во меѓувреме, се распределуваат вработените на кои не им беа префрлани средствата, случај што го отвори Министерството за труд и социјална политика.
Се решава случајот што го отвори Министерството за труд и социјална политика за нерегуларност при распределбата на осигуреници во вториот пензиски столб, за што беше поднесена и кривична пријава. Иако првично се говореше за 12 илјади луѓе, сега, повеќе од 14 илјади вработени, на кои не им биле префрлани средствата, се распределени кај приватните друштва, потврди МАПАС. На сметките на друштвата легнале околу 18 милиони евра, но ова не е конечниот износ и бројка на осигуреници. Тоа ќе знае до крајот на септември.
„Тоа е континуиран процес, како Фондот на ПИОМ ги разгледува случаите така и ги префрла во приватните пензиски фондови. Заклучно со 30.06 се префрлени 14.032“, изјави Дарко Саздов, член на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија
Заклучно со лани, во пензиските друштва од вториот пензиски столб има околу 490 илјади членови. Акумилирани се една милијарда евра.
„Од 2012 до 2018 година е остварен просечен годишен принос во номинален износ од 5,97%, односно 4,76% во реален износ. Во текот на 2018 се исплатени 314 пензии и исплати за членовите во втор столб, во најголем дел за остварено право на семејна пензија поради починат член на семејство или инвалидски пензии“, изјави Максут Али, претседателот на Советот на експерти на МАПАС
Согласно неодамнешните законски измени, во Пензискиот фонд се префрлени околу 16.600 членови, осиуреници кои првично беа ставени во вториот столб, иако тоа не било во нивна полза. Во третиот или доброволниот столб досега се собрани 25 милиони евра, на сметките на околу 24 илјади и 400 членови.
