ХИМНА

Лавина реакции за отпената химна од Тамара

04.07.2019 18:40

Лавина реакции во јавноста откако пејачката Тамара Тодевска, на приемот во американската амбасада по повод 4 јули, Денот на независноста, испеа стихови од стара верзија на официјалната химна.

Таа го испушти делот каде се споменуваат револуционерите Делчев, Гули, Груев и Сандански, а го отпеа делот во кој се вели „Старо, младо, машко и женско на нозе се кренало!“. 
 
 
По нападите на социјалните мрежи Тамара се извини за грешката од дното на нејзиното срце. Рече дека емоциите надвладеале.
 
„Не постојат зборови со кои можам да ја опишам мојата тага поради пропустот што го направив при пеењето на химната. Понесена од емоции и од целокупната еуфорија, за жал, ненамерно изоставив дел од химната. Уште еднаш ви се извинувам за оваа грешка и се надевам дека ќе најдете простор во вашите срце да ми простите“, напиша Тамара. 
 
Се огласи и американската амбасада. Оттаму рекоа дека САД имаат длабока почит кон традициите, историјата, хероите и иднината на нивниот пријател, партнер и сојузник Северна Македонија. 
 
„Ние разбираме дека грешките може да се случат ненамерно во емотивни моменти, но им се заблагодаруваме на нашите пејачи за нивните прекрасни изведби“, напишаа од американската амбасада.
 
Грешката е ненамерна – оцени премиерот Заев. Тој негира дека е ова некаков обид за промена на химната. 
 
„Се случуваат пропусти. Секако, нашата химна се пее секој ден, насекаде. Апсолутно, тоа само потврдува дека се работи за ненамерна грешка и пропуст, за кој се извинија самите организатори, но и изведувачот“, изјави Зоран Заев, претседател на Владата
 
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, го осудија чинот и изостанувањето на револуционерот. Според партијата, ова е пример што може да се случи кога власта, како што велат, си поигрува со историјата, националните чувства и идентитетските обележја. 
 
„Добро е што Тамара се извини, но она што е за вистинска осуда е креираната атмосфера од страна на власта и од премиерот, а во која во подолг период на срамен начин се доведуваат во прашање сите идентитетски обележја, важни за Македонија и за народот. Со оваа влада станавме општество во кое на дневна основа се доведуваат во прашање најсветите чувства на македонскиот народ“, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ
 
 Обединетата македонска дијаспора, пак, соопшти дека цврство верува оти не се работи за грешка, тука за намерен потег поради , како што е наведено, некои повици за промена на химната на Македонија.