Повторно отворени продавниците на северот
Продавниците во северно Косово повторно се отворени... На први јули, супермаркетите, пекарниците и кафулињата ги затворија вратите поради наметнатите царини од Приштина за увоз на српски производи...

Иако протестот опфати 4 општини, мнозинството косовски срби од кои две третини живеат во јужниот дел на Косово, не се приклучија во штрајкот.
Локалните бизниси во северно Косово повторно работат откако во понеделникот ставија клуч на врата поради царините од 100% за увоз за српски производи воведени од владата на Приштина. Сопствениците на продавниците, бензиските пумпи, фризерските салони, аптеките, сендвичарниците и кафулињата предупредија дека на регионот му се заканува хуманитарна криза. Според нив, дводневниот предупредувачки штрајк покажал сила, слога и подготвеност за борбата на Србите во северно Косово.
Радош Петровиќ - Шеф на здружението на претприемачи во северно Косово
Ги предупредивме Белград, Приштина и меѓународните фактори дека овие тарифи го нарушуваат нормалното функционирање на нашите бизниси, и ова е резултатот. Не го создадовме ние ова, ние работиме со такви царини веќе седум месеци и веќе не можеме да увезуваме производи. Поради тоа се затворија продавниците, а не поради некаква акција како што се зборува.
Владата во Косово во соработка со претпријатијата се обиде да го ублажи ударот преку мобилни продажни места за да населението на северните опптини не биде лишено од неопходните средства за живот. За претседателот Хашим Тачи, ситуацијата е резултат на неуспешна импровизација на Србија. На Твитер, премиерот Рамуш Харадинај му упати слична порака на српскиот претседател Александар Вучиќ, обвинувајќи го за дестабилизирање на северно Косово.
Хашим Тачи - Претседател на Косово
Нема хуманитарна криза во Косово, постои импровизација и тенденција на Србија да се претставува како жртва пред српското население во северно Косово. Поради тоа е многу важно за целиот демократски свет да ја дознае реалноста. Ова е неуспешен обид на Србија. Државата Косово ќе ги изврши сите обврски за сите граѓани на земјата во секој агол од територијата.
Во ноември лани, тарифата беше активирана само ден откако Косово не успеа да стане членка на Интерпол, одлука која според дел од политичарите во Приштина била резултат на, како што велат „агресивните политики“ на Белград. Голем дел од граѓаните наоѓаа алтернативни решенија и канали за соработка со Србија. Во мај полицијата уапси над 20 локални српски полицајци и ги обвини за помош на криумчарење и организиран криминал. Поради спорот за царините, во четирите општини се одржаа и предвремени избори, а градоначалниците на Северна Митровица, Звечан, Зубин поток и Лепосавиќ дадоа оставка. Истите кандидати беа реизбрани во мај кога победи политичката партија „Српска листа“.
