ЕКОНОМИЈА

Медијација за решавање на споровите

05.07.2019 14:01

Компаниите имаат проблем во должничко-доверителските односи. Не можат да ги наплатат побарувањата – информира Сојузот на стопански комори.

А, кога работата ќе дојде на суд, тогаш следува долга постапка која што трае и по неколку години. Сојузот апелира до фирмирите да ги решаваат споровите по пат на медијација. На овој начин ќе заштедат пари, а прашањето ќе го затворат на брз и ефикасен начин.

„ Се случува должниците да одат во стечај или во ликвидација, а потоа нема од кого да наплатите, а треба да ги платите и нивните судски и други трошоци. Споровите толку многу се пролонгираат што дел од компаниите згаснуваат, одат во стечај и не успеваат да ги наплатат своите побарувања, со што стануваат неликвидни. Веруваме дека преку ова алтернативно решавање спорови може да се преземе дел од товарот на судовите“, изјави Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори

Реалноста покажува дека свеста кај деловната заедница за решавање на споровите по пат на медијација е сè уште ниска. Законски, постапката може да трае најмногу до 60 дена, но работата се завршува и многу побрзо. Во моментов има вкупно 43 лиценцирани медијатори.

„Основниот мотив за страните да го решат спорот по пат на медијација е интересот. Тие се водат од сопствениот интерес и гледаат постапката да биде кратка и евтина, а двете страни ќе дојдат до решение од кое ќе бидат задоволни“, изјави Славе Младеновски, претседател на Комората на медијатори

Законот за медијација е донесен во 2006-та, но во следните 10 години се решиле само стотина предмети. Ова се менува во последниве две години, па се очекува до крајот на 2019-та да се стигне до 2 илјади решени предмети по пат на медијација. Инаку, Комората на медијатори стави потпис на договор за пристапување во Сојузот на стопански комори, со што стана негова 34 членка.

Новинар: Мартин Пушевски