Нова шанса од УНЕСКО
Охрид и езерото не се ставени на листата на загрозени подрачја на УНЕСКО.

Нова шанса е добиена по бројните билатерални средби при што членките на комитетот на светската организација биле информирани дека владата и општината постапуваат по деветнаесетте препораки на реактивната мисија. До фебруари треба да се покажат првичните резултати, а целиот процес ќе биде долг.
Колку што беше тешка битката Охрид и Охридското езеро да се најдат на Списокот на заштитени подрачја на УНЕСКО, толку ќе биде и онаа за да се сочува тој статус. Во Баку владата и општината добија шанса градот и езерото да не се најдат на списокот на загрозени подрачја на УНЕСКО, но прашање е дали ќе има нови. На бројните билатерални средби членките на комитетот биле информирани дека се постапува по 19-те забелешки на реактивната комисија, а планот за управување со Охрид бил посочен како еден од најзначајните. Сепак домашната јавност е најмногу заинтересирана што ќе се случи со дивоградбите во заштитеното подрачје.
Константин Георгиевски-градоначалник на Охрид
„УНЕСКО од нас бара да извршиме евалуација на влијанието на животната средина на тие објекти кои што се во заштитениот појас.Мое мислење њ дека такви објекти нема повеќе од прстите на двете раце,кога зборуваме за објекти,големи“.
Секако тоа не се однесува на дивоградбите како што се незаконито поставување на прозорец,изградба на скали,помошни простории,урбана опрема и слично чиј број е над 400-тини.Но и за нивно уривање на градот му треба помош од државата.
Константин Георгиевски-градоначалник на Охрид
„А вие мислите дека општината е способна да се справи со овој проблем,со еден градежен инспектор и со тендер од 1,5 милиони денари за бесправно изградени градежни објекти.Ова е проблем,бидеќи Охрид не им припаѓа само на охриѓани,Охрид е светско културно наследство и државата треба да се погрижи за доведување на состојбите во ред,кои што со години наназад се излезени од колосек“.
Битката за спас на Охрид допрва ќе се интензивира на сите полиња и сите треба да си го сработат она за што се одговорни на локално и централно ниво,рече Георгиевски.
Новинар: Сашо Нелоски
