СРЕДОЗЕМНО МОРЕ

Германски брод спаси уште 44 мигранти на Медитеранот

09.07.2019 14:26

Рим и Брисел и натаму војуваат за проблемот со мигрантите кои пристигнуваат на стариот континент преку Медитеранот...

Италија и натаму се придржува до строгите правила за влез во нејзините територијални води, инсистирајќи на праведна распределба на луѓето во сите земји- членки... Според ЕУ,  Рим ја прекршува Даблинската регулатива со која мигрантите мора да поднесат барање за азил во првата земја во која влегуваат...

Германски спасувачки брод во сопственост на невладината организација „Си ај“ спаси уште 44 мигранти на Средоземно Море во близина на брегот на Либија. На Твитер објавија дека операцијата е извршена со властите од Малта, од кои сè уште нема официјална потврда за соработката. Дрвениот чамец бил забележан од приватен извидувачки авион пред да бидат мигрантите префрлени во пловилото „Алан Курди“. Претходно Малта се согласи да прифати 65 мигранти на своето копно по што бродот се врати во подрачјето каде што оперира. Италија не му дозволи на пловилото да се укотви на нејзиниот брег.

Михаел Рот - Министер за Европа

Задоволен сум што имаме брзо решение, благодарение на Малта и на многу други. Но се откажав од надежта дека ЕУ како целина ќе успее да договори соодветен механизам за прераспределба. Со месеци работевме за коалицијата на држави која сака да ги смести бегалците да успее да се обедини да го направи тоа. А безбедно пристаниште е секогаш клучно. Ние во Германија не можеме да го овозможиме тоа, што значи дека земјите како Италија или Малта се потребни.

Во последните неколку месеци, приватните спасувачки операции се соочуваат со долги застои или забрана за влез во транзитните територии кои мора да ги минат за да дојдат до крајната цел на европското копно. Капетанката на бродот „Си воч 3“ Карола Ракет стигна до пристаништето на Лампедуза со 40 мигранти по две седмици на отворено море и покрај забраната од Италија за влез во нејзините води. Без дозвола во Лампедуза влезе и бродот „Алекс“.
 

Франческо дува - Пратеник на „ движењето 5 ѕвезди“

Сите зборуваат за НВО, а десетици мигранти стигнуваат на нашето копно. Бескорисно е да се поддржува ситуацијава, ја губиме перспективата на вистинската цел, а тоа е проблемот со мигрантите да стигне до Брисел. Прераспределбата низ земјите-членки не е веќе опција.

Бројот на мигранти во ЕУ е значително намален поради неколку фактори, меѓу кои построгите закони во неколку земји-членки и договорот меѓу Брисел и Турција. Според ОН, околу 140 илјади дошле лани, што е пад за околу еден милион во споредба со 2015 година.