ДОБИТОК

Намален ДДВ за ветеринарните лекови

10.07.2019 10:45

Државата се откажа од повисоката даночна стапка за ветеринарните лекови, но тешко оди со намалувањето на данокот за ветеринарните услуги што исто така подолго време се бара од страна на ветеринарната комора.

Наскоро на сила треба да стапи одредбата за намалување на даночната стапка на ветеринарните лекови на 5 проценти.

Ветеринарната комора се избори за намалување на данокот на ветеринарните лекови на 5 проценти, но не и за ветеринарните услуги.

Образложението на министерството за финансии е дека намалување на ДДВ за ветеринарни услуги е неприфатливо поради непланирани фискални импликации во тековната година и дека истото се коси со регулативата на ЕУ и ќе претставува проблем при претстојните преговори за членство на нашата држава.

Ветеринарите велат  дека  со намалувањето на даночната стапка само за лековите нема да се постигне целта , освен олеснување на работата на веледрогериите увозници на лекови и евентуално намалување на притисокот со внесување на нелегални препарати од соседството, кој исто така е реален проблем.

За самите ветеринари и одгледувачи на добиток мерката нема да има никаков ефект , зашто лековите се само средство кое се употребува за третирање на одредени здравствени состојби , кои претходно по прегледот на животното треба да бидат дијагностицирани од  ветеринарниот доктор, услуга за која останува повисоката даночна стапка .