КОМБАЈН

Жетвата е во тек, се очекуваат повисоки цени

12.07.2019 10:45

Земјоделците почнаа со жетвата на пченицата. Проценката е дека ова година ќе има просечен род, но со понудените цени од 9 и 10 денари по килограм од страна на мелничарите не се доволни .

Тие велат за да биде исплатливо ова производство откупната цена  треба да се зголеми на најмалку 12 денари.

 Жетвата на јачменот заврши, зрната се собрани, а приносите задоволуваат ако се имаат  предвид  неповолните  временски услови за време на сеидбата.

Сега на ред е пченицата и досега се ожнеани околу 30 проценти од засеаните површини со остварен просечен принос од околу 3,5 тони по хектар во зависност од регионот.

Но она што загрижува, велат земјоделците, е тоа што како непишано правило секоја година се повторуваат истите проблеми со откупот. До жетвата не се знае точната цена ниту на јачменот, ниту на пченицата.Според податоците од Државниот инспекторат за земјоделство, во моментов откупната цена се движи од 9 до 10 денари за килограм во зависност од тоа дали е пченицата прва, втора или трета класа, но се очекува таа понатаму да расте.

Агенцијата за стокови резерви објави јавен оглас за набавка на 7.165 тони меркантилна пченица за обнова на потребите на стоковите резерви, што во овој период ќе има позитивно влијание на пазарот на пченицата и на зголемување на откупната цена.

Според последните податоци на завод за статистика се засени  70 000 хектари од која 65 000 се во индивидуален сектор, односно 105 000 мали земјоделски стопанства се занимаваат со производство на оваа житарка.