В недела депортирање на илегалните мигранти
Викендов ќе се спроведе одложената масовна операција за депортирање на нелегалните мигранти од САД.

Опфатени се десетина големи градови, меѓу кои и Лос Анџелес и Чикаго. Дел од нив одбиваат да соработуваат во рацијата. Демократите и активистите за поддршка на мигрантите ги советуваа засегнатите групи за нивните права.
„Ќе се апсат луѓе со криминално досие, но и секој што го прекршува законот на САД“, велат од Агенцијата за миграција и царина којашто в недела стартува со операција за депортација на илегалните мигранти на национално ниво. Акцијата ќе се спроведе во најмалку 10 поголеми градови, а се засегнати над 2000 луѓе. Претседателот Доналд Трамп ги обвини ултралевичарите од демократите за зголемувањето на бројот на илегални мигранти, потсетувајќи дека токму поради нив за две недели бил одложен процесот за депортација за да имаат време да постигнат договор со републиканците. Во наредниот период ќе се анализираат податоците во сите релевантни агенции на федералната влада, за да се добие прецизен попис за населението.
Доналд Трамп - Претседател на САД
За жал, имавме одложување поради крајната левица на демократите во оваа земја кои решиле да го скријат бројот на илегални мигранти бидејќи знаат дека тој е многу поголем, доста поголем од она што се веруваше. Поради тоа, тие се борат толку многу. Ова е дел од нивната стратегија да ги нарушат правата на нашите државјани, а тоа е многу неправедно кон нашата земја.
Линдзи Греам - Сенатор
За мене, ова не е сурово, се спроведува законот. Но претпочитам да не одиме по тој пат ако можеме да постигнеме договор.
Претставничкиот дом во Конгресот, а и промигрантските групи и активисти ги советуваат потенцијалните целни групи како да се заштитат во овие рации.
Ненси Пелоси - Претседател на претставничкиот дом на САД
Налогот за депортирање на Агенцијата за миграција и царина не е ист со налогот за претрес. Ако го донесат само тоа во рацијата, агентите немаат законско право да влезат во домот. Ако немаат потпишан налог од судија, лицето може да одбие да ја отвори вратата и да ги пушти внатре.
- Целта на ова е да се создаде дополнителен страв и паника во заедницата. Ако ви дојдат на врата, барајте налог. Ако немаат налог, немаат право да влезат.
Лос Анџелес, Мајами, Балтимор и Чикаго се меѓу градовите кои ќе бидат опфатени во акцијата. Некои од сојузните власти одбиваат да соработуваат. Слична рација беше спроведена во 2003 година кога беа уапсени стотици луѓе.
Лори Лајтфут - Градоначалник на Чикаго
Зборував со раководството на Агенцијата за миграција и царина во Чикаго и се спротивставив на какви било рации и акции кои ги тероризираат и трауматизираат заедниците.
- Одбивам да бидеме депортирани зашто моите деца се американски државјани, како и маж ми. Имаат право да бидат со мајка им.
Според податоците од пописот во САД во периодот од 1990 до 2017 година, утврден е пад на бројот на недокументирани мигранти.
