ТРГОВИЈА

Извозниците бараат поефикасна поддршка од државата

15.07.2019 16:00

Извозниците бараат поефикасна поддршка од државата за настап на меѓународните саеми.

Велат дека на ова не треба да се гледа како на трошок, туку како на инвестиција. Тие имаат три клучни предлози што ќе го достават до Владата.

Наместо од четири, од едно место да се дава поддршка за претставување на меѓународни саеми, подолгорочно планирање на средствата и редефинирање на моделот за национален штанд за компаниите да бидат претставени во хали од нивната бранша. Ова се барања кои Клубот на извозници при Стопанската комора ќе ги достави до Владата. Како пример што треба да се следи се посочува Турција, земја со сериозна извозна стратегија, која покрива и до 50 проценти од трошоците на фирмите за саемско претставување.

„Бараме да се покријат дел од средствата за штандот или просторот, бидејќи посета на еден саем од мојата бранша електрика и машинство чини од 25 до 30 илјади евра за помал штанд“, Горан Антевски, изјави заменик-претседател на Клубот на извозници

Трошоците можат да се намалат и со заедничко учество на компаниите на саеми, а веќе се разговара и за регионално поврзување. Од Комората укажуваат дека е потребно главен критериум да не биде најниската цена, туку најатрактивната локација.

„Нашето барање е долгорочно планирање. Компаниите минимум три години однапред да имаат можност да аплицираат за саеми што ќе се случуваат за две или три години. Само на таков начин, а не преку инциденто излегување на саеми се покажива сериозност на компаниите“,  изјави Даниела Михајловска – Василевска, Стопанска комора на Македонија

Бизнисмените велат дека државата треба да го препознае потенцијалот на компаниите – извознички. Како главна институција се посочува Македонската банка за поддршка на развојот.

„МБПР може да биде клучен елемент за помош на компаниите, преку кредитирање на компании-извознички кои имаат можност за раст и развој, осигурување на извозот што го прават години наназад , изјави Глигор Цветанов, претседател на Клубот на извозници

Последните податоци на Заводот за статистика покажуваат дека трговската размена во првите пет месеци изнесува 6,87 милијарди долари. Земјава сè уште повеќе увезува отколку што извезува. Речиси половина од производите завршиле во Германија, како наш најзначаен економски партнер.              

Новинар: Мартин Пушевски