Нова фабрика во Бунарџик
Нова инвестиција во слободната зона „Бунарџик“. Почна изградбата на фабриката на турската компанија „Балканлар пластик“.

Во капацитетот ќе се произведуваат пластични амбалажи за хемиската, градежната и за други индустрии. Вредноста на проектот е проценета на 7,5 милиони евра. Првично, во погонот ќе работат 80 луѓе, но е најавено дека бројката ќе се зголемува.
„Ова зад мене е локацијата каде ќе се гради новата фабрика на компанијата „Балканлар пластик“. Предвидено е проектот да се реализира во неколку фази, а бројот на вработени да достигне 300“, stand up: Мартин Пушевски
Преговорите со турските инвеститори траеле 1,5 година. Од компанијата рекоа дека за кусо време успеале да ги направат сите подготовки за реализација на проектот.
„Со вложувањето во оваа држава ќе придонесеме за вработување на овдешните жители и на развојот на овој регион“, изјави Ерен Чалишир, инвеститор
„За некој месец на ова место ќе работат мои пријатели, блиски, млади луѓе кои нема да заминат одовде“, изјави Александар Младеновски, директор на слободните зони
Од Владата велат дека е ова една од 30-та фабрики што се градат во земјава, како потврда дека мерките за поддршка на компаниите даваат резултат. Оттаму посочија дека растот на економијата е движен од реалниот сектор, а со членството во НАТО се очекува уште позасилен инвестициски циклус.
„Странските инвестиции растат со одлично, задоволително темпо, економскиот стандард се подигнува и верувам дека тоа претставува мотивација за многу странски и пред сè за домашните инвеститори. Земјава е променета, сега сме земја што нуди просперитет, земја што за инвеститорите овозможува одржлив профит, а за нас придобивката се новите работни места“, изјави Зоран Заев, претседател на Владата
„Како Влада ќе направиме сè што е во наша моќ да ги поддржиме сите инвеститори, странски и домашни, да продолжат да инвестираат, бидејќи само со индустријализација на државата можеме да обезбедиме одржлив економски развој и одржливи бројки на раст на БДП“, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања
Статистиката на Народна банка покажува дека инвестициите од Турција лани изнесувале 36,2 милиона евра, а годинава, само во првиот квартал е достигнат половина од овој износ.
Новинар: Мартин Пушевски
