На Битола и се случи џез-фестивал за кој сите ќе зборуваат

03.03.2014 15:47

Џез, вино, убави луѓе, врвни музички артисти, пријатен простор и добра организација. Овие адути најдобро го опишуваат првиот „Порта џез-фестивал“ кој викендов се случуваше во Битола, во куќата на џезот позната како „Порта џез“ – култно место кое постои повеќе од 20 години.

Организаторот на фестивалот Влатко Христовски- Дадо рече идејата која ферментира повеќе од 10 години, конечно се искристализира како проект што ќе ја обедини македонската џез-сцена.

Фестивалот го прогласи за отворен Оливер Белопета - иконата на џез-сцената во Македонија, кој изјави дека на Битола и треба ваков настан.

Џезерското патување почна со настапот на Тони Китановски трио, поддржан од Кубанецот Оскар Салас и од Американецот Дејв Вилсон кои имаа фантастичен настап. Овие искусни џезери понудија мелодичен ритам и енергија која се чувствуваше низ целиот простор. Поразговаравме со гостите од Америка и од Куба. Тие велат дека им се допаѓа тоа што џез музиката има таква моќ да ги соедини луѓето од целиот свет. Американецот Дејв Вилсон моментално ја изучува макеоднската традиционална музика и е посебно фасциниран од нашата култура.

Ќе остане запаметен и настапот на оригиналните “Jazzobell Quintet” кои настапија на вториот фестивалски ден. Имаа доста интересен настап и буквално „растурија“ со својата младешка енергија. Покрај музичките настапи, програмата беше збогатена со џез-работилница, со диџеи и проекција на документарниот филм за џез-иконата – Мајлс Дејвис.

Во рамките на фестивалот, на Оливер Белопета во знак на признание за неговите лични заслуги за промоција на џез-музиката во Македонија, главниот партнер на фестивалот, Игор Божиновски му додели лимитирано издание на специјално дизајниран часовник “Генерација 27”. Оваа бројка се врзува со истоимениот клуб, со вонсериски музички изведувачи и урбани легенди, како и со 27 – годишнината од постоењето на Европската џез-мрежа, чиј член на бордот на директори е токму Белопета.

Дјук Елингтон рекол дека џезот е музика на човековиот род и имал право. Џезот има децениски корени во Битола. Публиката и изведувачите во совршена џез-синергија задовлно зборуваа дека се среќни што се дел од ова фестивалско издание, каде што на едно место се собраа македонските и дел од светските џез-имиња. Интерес за фестивалот покажаа и гости од соседна Грција.

Моника Јовановска