Почнува процедурата за НАТО – протоколот
Протоколот за ратификација на членството на Северна Македонија во НАТО претставен пред француската влада, со што започнува процедурата во францускиот парламент.

Пристапувањето на Северна Македонија во НАТО ќе ја зајакне безбедноста на регионот и на алијансата како целина, изјави порт-паролот на француската влада.
Француската влада на последниот министерски совет, со кој претседаваше претседателот Емануел Макрон , го разгледа предлог-законот за одобрување на ратификацијата на Протоколот од Северноатлантската спогодба за пристапување на Република Северна Македонија, претставен од министерот за Европа и надворешни работи.
„Се досега Република Северна Македонија со оглед на несигурноста која владееше за именувањето на земјата, беше поканета земја во НАТО, сега преку ратификацијата на овој протокол и со влегувањето во сила на протоколот кон Северно-атлантскиот договор за пристапување на Северна Македонија ќе ѝ овозможи на оваа земја да стане 30-та членка на Атлантската алијанса, кога 29-те земји-членки на НАТО ќе известат дека го ратификувале протоколот“, изјави порт-паролката на француската влада Сибет Ндиаје.
Понатаму порт-паролката на француската влада Сибет Ндиаје додаде:
-Тоа е процес кој Франција го поддржа на самитот во Букурешт и кој има за цел да ја зајакне безбедноста на регионот и на алијансата како целина.
Од Париз се нагласува дека „Франција ќе остане особено внимателна во однос на клучните принципи на процесот на проширување на НАТО, кои се проценка на сопствените заслуги на земјите кандидати и нивниот придонес во безбедноста на евроатлантската област.“
По претставувањето на предлог-законот на министерскиот совет, истиот влегува во парламентарна постапка каде ќе треба да биде изгласан од Националното собрание и Сенатот.
Париз Тони Гламчевски за МРТ
