БИЗНИС
Претседателот Пендаровски на средба со ССК
22.07.2019 16:20
Претседателот со повик докрај да се расчисти случајот „Рекет“. Пендаровски побара да не се остава сомнеж дека политички фактори го штитат криминалот. Бизнисмените од него побараа да биде фактор на стабилност и да работи за намалување на тензиите во општеството.

Претседателот со повик докрај да се расчисти случајот „Рекет“. Пендаровски побара да не се остава сомнеж дека политички фактори го штитат криминалот. Бизнисмените од него побараа да биде фактор на стабилност и да работи за намалување на тензиите во општеството.
Не правам политички притисок, но институциите мора целосно да го расчистат случајот „Рекет“, повика претседателот Пендаровски. Според него, сведоци сме на крупна афера што зафаќа повеќе слоеви на општеството: економски, криминални, но и политички.
„Инстистирам државните органини во случајот „Рекет“ да ја истераат работата што е можно побрзо и докрај, за да не се остави ниту најмал простор за сомнеж дека некој некого штити или дека повторно се рециклираат некои лоши практики од минатото, кога одредени политички фактори беа заштита за криминалните бизниси и на тој начин знаеме на кое дереџе дојдовме“, изјави Стево Пендаровски, претседател на државата
На средбата со Претседателот, членките на Сојузот на стопанските комори побараа владеење на правото, борба против корупцијата и сивата економија. Бизнисмените се загрижени како ќе се развива политичката ситуација и очекуваат шефот на државата да биде фактор на стабилност. Според нив, Пендаровски демонстрира проактивно лидерство за намалување на полазирацијата во општеството.
„За сите нас е многу важно да имаме политичка стабилност, да имаме мир, да имаме добри услови да работиме и да живееме во Македонија. Тоа го гледаме од активностите на Претседателот. Се надеваме дека и во иднина ќе се продолжи во таа насока, да се намали поларизацијата во општеството, а тој да биде мостот што ќе ги стави сите политички чинители на иста маса и со негово посредување ќе се обиде да се дојде до политички консензус“, изјави Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори
Претседателот призна дека изминатите децении, политиката на разни начини се обидувала да го стави бизнисот под своја капа.
„Ако можам да ви се извинам во името на сите претходни генерации политичари што не ви го направиле животот и бизнисот полесен, за потоа на сите нас да ни биде полесно“, изјави Стево Пендаровски, претседател на државата
Една од клучните точки на средбата беше зајакнувањето на економската дипломатија. Од Сојузот рекоа дека само 5 проценти од македонските компании извезуваат во странство. Шефот на државата информираше дека го комплетирал економскиот тим, којшто на дневна база ќе комуницира со бизнисмените, но призна дека над половина од дипломатските претстаништва се оставени без прв човек. Пендаровски очекува до крајот на годинава да станеме членка на НАТО и да добиеме датум за преговори со Европската унија.
Новинар: Мартин Пушевски
