Здравство

500 илјади денови за боледување помалку од лани

03.03.2014 16:23

Боледување се помалку се користи за одење на одмор, зa реновирањe дома, за работа на поле. Фондот за здравствено осигурување евидентирал драстична промена, половина милион помалку денови боледување.

Во минатата година биле исплатени околу 15.000 боледувања, што е за 3000 помалку од 2012 година. Во просек еден вработен бил на боледување 85 дена.

Заострените критериуми од пред две години ја намалија злоупотребата на боледувањата бидејќи никој не сака да оди в затвор, ниту болниот ниту матичниот лекар. Боледувањето порано можеби било медицински индицирано, но времетраењето во поголем број случаи не било оправдано.

„До 7 дена боледување е оставено на професионалноста на матичните лекари. Над една недела пациентите се праќаат кај соодветен специјалист“, изјави  д-р  Лилија Чолакова – Дервишова, Претседател на Здружението на приватните лекари.

Критериумите за боледување ги спасија лекарите.

„Ние сме заштитени со ваков критериум од пациентите што сакаат да земат поголем број денови на боледување за да си завршат некоја работа“, изјави д-р  Лилија Чолакова – Дервишова, Претседател на Здружението на приватните лекари.

Некои вработени и некогаш и сега потешко добиваат боледување и да имаат дијагноза, газдата не сака да трпи работата, па го задржува на работа.  Во текот на 2013 година Сојузот на синдикатите на Македонија добил над 3.500 поплаки. Работодавачите, пак, со свое толкување.

„Сега веќе треба да се договараме оние кои поради посебни услови не можат да го почитуваат законот, ќе им направиме олеснување, тоа се малите претпријатија, занаетчиите, за да можеме да имаме поздраво работничко општество“, вели Миле Бошков, Претседател на Конфедерација на Работодавачите.

Се чини дека критериумите ја избистрија сликата за тоа кој заслужува боледување. Помалку пари се одлеваат од здравствената каса, а и на вработените помалку им се крати од платите бидејќи потешко се оди на боледување. Во тек се анализи на Фондот кои треба да ги дадат вистинските состојби за годинава.

 

Наташа Јанчиќ