ИНФРАСТРУКТУРА
Заев: Коридорот 8 е неповратен процес
23.07.2019 16:18
Договорот за пријателство со Бугарија донесе позитивни придобивки, вели премиерот Заев во интервју за агенцијата БГНЕС.

Тој посочува дека е постигнат значитечен напредок во трговските односи меѓу двете земји и најави целосна реализација на Коридорот 8.
Се подобрува инфраструктурната поврзаност со Бугарија. Премиерот Заев во интервју за агенцијата БГНЕС тврди дека работите на Коридорот 8 се неповратен процес, има пари за изведба и на железницата и на експресниот пат. Ова треба значително да го олесни транспортот и да ја зголеми сообраќајната безбедност.
„Се гради експресниот пат од Куманово во бугарската граница. Се работи за две делници, едната ја работи Гранит, а другата италијанска компанија. За две години патот ќе се изгради и за многу брзо повеќе нема да мораме да патуваме со пат со дупки кога сакаме да одиме кон Софија или вие кон Скопје“, изјави Зоран Заев, претседател на Владата
Заев тврди дека железничката пруга кон Бугарија целосно ќе биде готова и пуштена во употреба до 2025 година. За оваа намена се обезбедени вкупно 580 милиони евра. Според најавите на надлежните, првата делница од Куманово до Бељаковце треба да биде завршена најдоцна до средината на идната година.
„Во моментов се одлучува за изведувач на втората фаза. За ова добивме грант од 68,7 милиони евра од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан од Берлинскиот процес, а ние дополнително земаме околу 80 милиони евра кредит од ЕИБ. Третата фаза е најголема и чини 405 милиони евра. Добивме грант од 60 милиони евра од ИПА и земаме кредит од 345 милиони евра“, изјави Зоран Заев, претседател на Владата
Последните податоци на Заводот за статистика покажуваат дека Бугарија во првите пет месеци од годинава била шести по големина трговски партнер на земјава. Вкупната размена изнесувала нешто над 257 милиони евра. Увозот и извозот се речиси изедначени.
