ЛОНДОН
Џонсон е новиот британски премиер
23.07.2019 16:24
Борис Џонсон е избран за лидер на британската владејачка конзервативна партија со што ја наследува премиерската функција на Тереза Меј...

Во својот говор и се заблагодари и за како што рече „извонредната работа“... Пофални зборови упати и за неговиот противник Хант чиишто идеи ќе се обиде да ги примени во својот маднат.
Борис Џонсон е новиот премиер на Обединетото Кралство и челник на Конзервативната партија. Битката за двете лидерски позиции ја водеше со актуелниот шеф на британската дипломатија Џереми Хант. Во гласањето учествуваа околу 160.000 Ториевци, а за него се определија 66%. Членови на владата на Тереза Меј најавија, а некои веќе и поднесоа оставка пред тој официјално да ја преземе функцијата в среда, пред сè, поради несогласувањата околу Брегзит. Џонсон инсистира Велика Британија да замине од Европската унија најдоцна до 31 октомври, со или без договор, и е против ново пролонгирање на крајниот рок.
Борис Џонсон - Нов премиер на Обединетото Кралство
Ви благодарам на сите овде, за трудот, кампањата и духот, и неверојатната чест и привилегија што ми ги дадовте мене. Знам дека некои луѓе ќе се двоумат во мудроста на вашата одлука. Можеби и некои веќе се прашуваат што направија. Но нагласувам дека ниеден човек, ниедна партија нема монопол врз мудроста. Ако ја погледнете историјата во последните 200 години, во историјата на оваа партија, ќе видите дека ние, Конзервативците, сме имале најдобро разбирање за човековата природа.
Од 2008 до 2016 година, Борис Џонсон беше градоначалник на Лондон, а потоа служеше двегодишен мандат како министер за надворешни работи којшто го прекина со оставка поради визијата на Меј за процесот за разделбата на Лондон од Брисел.
Главниот преговарач од ЕУ за Брегзит, Мишел Барние изрази подготвеност за конструктивна соработка со новиот британски премиер за да се одвива процесот уредно и организирано. Лидерите на земјите-членки на блокот би прифатиле и одредени промени во политичката декларација за идното партнерство со Лондон. Новоизбраната претседателка на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен, веќе изјави дека не би била против дополнителен рок доколку е оправдано.
