АФЕРА

ССК: пријавен уште еден случај на рекет

24.07.2019 16:00

Расте бројот на компании кои тврдат дека се рекетирани. Сојузот на стопански комори информираше за нов случај.

Во Комората на Северозападна Македонија немаат регистрирано вакво нешто, а Стопанската комора вели дека не е институција каде треба да се пријави ваква активност. Сепак, бизнисмените бараат брза разрешница за да се воспостави владеење на правото.

Освен бизнисменот Зоран Азманов кој деновиве јавно проговори, уште најмалку една компанија, членка на Сојузот на стопанските комори пријавила дека била мета на рекет. Оттату не откриваат која е фирмата и во кој сектор работи за да не се наштети на постапката, но рекоа дека е од поголемите компании.

 „Има пријавени случаи. Ние не сме истражен орган или орган што треба ова да го проследува, но ние сме луѓе што ги штитат нашите членови. Има повеќе од еден пријавен случај, за оваа или за друга ситуација, и ќе направиме сè што е во наша надлежност да ги заштитиме нашите членови и ова повеќе да не се повтори. Тоа е од интерес на сите нас. Станува збор за голема компанија, но не можам да кажам од кој сектор е“, изјави Данела Арсовска, претседателка на Сојузот на стопански комори

Од Стопанската комора на Македонија велат дека тие не се институција каде компаниите треба да пријават вакви активности, а од Комората на Северозападна Македонија рекоа дека кај нив не е регистриран ваков случај, но ги повикаа фирмите да информираат ако има такво нешто.

„Во нашата комора досега немаме пријавено такви случаи. Нашите членки апелираат во медиумите да не се шпекулира со имиња на осомничени без да се водат судски постапки“, изјави Дриљон Исени, Извршен директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија

 Од ССК апелираат за брза разрешница на целиот случај за да се воспостави владеење на правото и предвидливост во деловното работење. Оваа бизнис-заедница веќе побарала средби и со претставници на меѓународната заедница.

Без владеење на правото, без заштита на сопственоста и без некој да се грижи за луѓето што инвестираат и креираат работни места не можеме ништо да постигнеме, ниту да се трудиме да кажеме дека оваа или која било друга година ќе биде економска година“,  изјави Данела Арсовска, претседателка на Сојузот на стопански комори

По објавувањето на аферата, премиерот Заев рече дека бизнисмени, кои не биле од Скопје се обратиле до него за да му кажат дека се уценувани, по што тој го пријавил случајот во Обвинителството.