Хан: да преовлада владеењето на правото
Донесете го Законот за јавното обвинителство, сите политички фактори да покажат одговорност – повика еврокомесарот Хан.

Рече дека уверен дека во октомври ќе биде завршена работата за датум за преговори. Премиерот Заев очекува да се заокружат реформите за да го добиеме заслуженото.
Продолжете да испорачувате реформи и донесете го Законот за Јавното обвинителство, партиите што поскоро да дојдат до решение – ова е пораката која еврокомесарот Хан ја донесе во Скопје. Никој не смее да биде амнестиран поради неспособноста да се исполнат роковите, Брисел будно го следи процесот, предупреди еврокомесарот. Повика да преовлада владеењето на правото и целосно да се расчистат корупциските скандали.
„Охрабрувачки е да се види дека веднаш се преземаа чекори да се истражат неодамнешните инциденти и случаи и да се види дека се почитува независноста на СЈО, со тоа што се пренесе во Јавното обвинителство. Сега е време сите политички страни да покажат одговорност во интерес на иднината на државата и на граѓаните. Сите да бидат фокусирани на октомври, да ги испорачаат реформите“, изјави Јоханес Хан, еврокомесар за проширување и соседска политика
Премиерот го повика Обвинителството да ја продолжи постапката за „Рекет“, без разлика до кого сè ќе допре случајот. Порача дека никој не е привилигиран и никој нема да биде амнестиран. Заев очекува најдоцна до почетокот на септември да се донесе Законот за Јавното обвинителство, за во октомври да добиеме датум за преговори со Унијата. Според него, во предлог-решението се вградени главните забелешки од опозицијата, а тоа како што вели е вин-вин ситуација.
„Благодарение на процесот што ги става двете страни, и власта и опозицијата како победници, можеме до крајот на месецов да постигнеме политички консензус, а на крајот на август или почетокот на септември да го изгласаме Законот за јавното обвинителство. Се работи за иднината на нашата земја, за стратешката цел по 15 години да добиеме датум за почеток на преговорите“, изјави Зоран Заев, претседател на Владата
Еврокомесарот Хан оцени дека земјава е блиску да направи голем чекор, а македонскиот премиер ја повика Унијата да си го одржи зборот за датум за преговори. Никому да не му даваме аргументи да ја доведе во прашање оваа наша стратешка цел, рече Заев.
„Сите реформи што ги правите денес ќе ни помогнат да бидеме побрзи во текот на пристапниот процес. Така, вие не губите време. Она што сега го испорачиувате ни помага нам да бидеме побрзи во процесот што следува подоцна. Јас сум уверен дека во октомври ова ќе биде завршена работа“,изјави Јоханес Хан, еврокомесар за проширување и соседска политика
„До октомври, со искрена и чесна посветеност да ги заокружиме реформските процеси, да продолжиме со исто темпо и динамика, особено во делот на реформите во правосудниот систем, за наесен да се поставиме како земја која ги затворила сите прашања за добивање на датум за старт на преговорите“,изјави Зоран Заев, претседател на Владата
Според Хан, охрабрувачка е пораката од Париз дека процесот на преговори може да се одвива паралелно, но посочи дека е важно да се создадат услови за младите да останат дома, бидејќи не може земјава да зависи од парите што граѓаните ги праќаат од странство. Еврокомесарот рече дека економските бројки покажуваат напредок, а исто така, ја пофали опозицијата за конструктивната улога.
Новинар: Мартин Пушевски
