Прв состанок на кабинетот на Борис Џонсон
Прва средба на новиот владин состав на британскиот премиер Борис Џонсон. Половина од членовите на стариот кабинет на Тереза Меј или поднесоа оставки или беа разрешени.

Брегзит и натаму еден од најголемите предизвици за новите министри. Првиот работен ден на Џонсон мина со протести низ Лондон.
Новоизбраниот британски премиер Борис Џонсон ги подели клучните позиции во својот кабинет на дел од најгласните поддржувачи на Брегзит. Доминик Рааб се врати во Владата како шеф на дипломатијата, а Прити Пател е именувана за министерка за внатрешни работи. Саџид Џавид е назначен за канцелар, а Бен Валас ќе го води Министерството за одбрана. Прашањето околу излезот на Велика Британија од ЕУ, како еден од најголемите предизвици, и натаму ќе го води Стивен Баркли кој ја задржа функцијата министер за Брегзит. Во неговиот прв премиерски говор, оптимистички и со ентузијазам, Џонсон му вети на народот успешна разврска на приказната за разделбата меѓу Лондон и Брисел, нагласувајќи дека ќе биде запазен крајниот рок.
Борис Џонсон - Премиер на Обединетото Кралство
Ќе ги исполниме ветувањата кои Парламентот му ги повторуваше на народот и ќе излеземе од ЕУ на 31 октомври без никакво „ако“ или „но“. И ќе постигнеме нов договор. Подобар договор кој ќе ги максимизира можностите со Брегзит, дозволувајќи ни да развиеме ново партнерство со Европа врз основа на слободна трговија и меѓусебна поддршка.
Опозиционерите во Британија бараат распишување на избори. За лидерот на Лабуристичката партија Џереми Корбин, Борис Џонсон не нуди ништо конкретно до крајот на октоври.
Џереми Корбин - Лидер на партијата на Лабуристите
Потребен ни е посериозен пристап кон Европа, како и кон проблемот со нееднаквост во оваа земја. Токму тие обврски се впишани во нашиот манифест од 2017 година.
Премиерката на Шкотска Никола Старџен бара да постои алтернатива за планот на Џонсон за Брегзит, повторувајќи дека и натаму ќе се бори за референдум за независноста на својата земја. Според ирскиот премиер Варадкар, нереални се предлозите за нов договор со ЕУ за Брегзит.
Лео Варадкар - Премиер на Ирска
Она што ги уништи односите меѓу Британија и Ирска, повеќе од кои било други две влади, е Брегзит, одлуката да се излез од Европската Унија без вистински да се размисли за последиците врз Британија, Северна Ирска или за пошироките односи со блокот. Но не ги сменивме нашите црвени линии. Не смее да постои крута граница меѓу Северот и Југот.
Според земјите-членки на ЕУ, иако Обединетото Кралство нема да биде во рамките на Унијата, тоа и натаму останува земја на Европа со која постојат длабоки врски во многу сфери.
Џозеп Борел - Министер за надворешни работи на Шпанија
Од Брисел, а и од Шпанија, ќе се прават напори да се избегне неорганизиран Брегзит кој би бил опасен за сите. Не можеме против волјата на британскиот народ. Избраа влада и програма.
Договорот што Брисел го постигна со Тереза Меј беше трипати отфрлен од пратениците во Вестминстер.
