Втор топлотен бран во еден месец
Рекордно високи температури на европскиот континент. Регистрирани се и смртни случаи. Научниците предупредуваат – последиците од климатските промени се сериозни.

Поголемиот дел од Европа се соочува со втор топлотен бран во еден месец. Рекордно високи температури се измерени во Белгија, Германија и Холандија. Чешка се соочува со сериозна суша во две третини од територијата. Пеколните температури со сериозни последици и за секторот за туризам во Австрија.
- Моменталната длабочина на водата е 115 метри, што е далеку под просекот.
- Во пролетниот период, кампот беше пополнет. Туристите бараат природни води кои сега не можеме да им ги понудиме.
- Овде не може да се плови или сурфа. Само ќе заринкате во калта.
Во северниот дел на Франција, измерени рекордни 42 целзиусови степена, а метеоролозите со загрижувачки прогнози дека е голема веројатноста да бидат и надминати овие температурни вредности. Од топлотниот бран починале пет лица во Франција.
Во Обединетото Кралство е намалена и ограничена брзината на возовите поради опасност од деформриање на пругите поради жештината. Поради загревање на водата на реката Весер, привремено е затворена нуклеарна централа во северна Германија.
Вакво ниво не сме виделе од отворањето на централата. Температурата на водата во Весер веројатно ќе стигне и до 27 целзиусов степен. Мораме да имаме целосна гаранција за разладување на централата, не само на водата која се испушта, туку и која се влева, таа не смее да е со висока температура.
„Топлотните бранови и нивната зачестеност се последица на климатските промени“, тврдат метеоролозите и научниците за климатскиот систем. Со анализа на податоци од 19 век е утврдено дека од почетокот на индустријализацијата, просечната температура на површината на Земјата се зголемува за еден степен. Според мерењата на Институтот во Потсдам, Германија, почнувајќи од 1500-та година, петте најжешки лета во Европа се регистрирани во 21 век.
