Мртви и повредени во напад за време на фестивал
Тројца мртви и 15 повредени во вооружен напад на фестивал во Северна Калифорнија...

Мотивите се непознати, ФБИ и локалните власти се на терен... Вклучувајќи го и последниот, годинава со Соединетите Американски Држави се случиле 246 напади со масовно пукање во кои имало жртви.
Трагичен епилог на годинашниот Фестивал на лукот во Гилрој, Калифорнија. Вооружен маж отвори оган кон посетителите на настанот и усмрти тројца од нив. Повредени се 15 луѓе, а неколкумина од хоспитализираните се борат за живот. По брзата интервенција на полицијата беше усмртен и напаѓачот. Локалните безбедносни сили со поддршка на ФБИ го пребаруваат теренот. Мотивите за нападот се непознати. На официјалната веб-страница на фестивалот е нагласено дека е забрането носење на какво било оружје на локацијата.
Скот Смити - Шеф на полиција
Еден осомничен е убиен. Очевидци велат дека има и втор, но не знаеме дали бил вклучен во пукањето или само му давал поддршка на првиот.
Инцидентот се случи на затворањето на 41. издание на Фестивалот на лукот во Гилрој, 48 километри јужно од Сан Хозе.
- Првин слушнав два истрела, а потоа по неколку секунди почнаа рафалните истрели. Луѓето легнаа, јас прескокнував деца. Еден куршум заврши во ногата на мојата пријателка.
- Околу нашата маса имаше дваесетина луѓе. Знаевме дека има проблем откако ги чувме куршумите и луѓето кои трчаа наоколу.
Според податоците на американската Архива за насилство со оружје, ова е 246. масовно пукање во САД во 2019 година. Најсмртоносниот напад се случи во општинската зграда во Вирџинија бич каде што беа усмртени 13 луѓе. Од 2009 година досега, во вакви масакри загинале 8.343.
