ООН

Седница за Либија во Советот за безбедност

30.07.2019 14:52

Либија и натаму меѓу главните точки на седниците на Советот за безбедност на Обединетите Нации.

Меѓу клучните проблеми се опасноста од мешање на странски влади. Најголем дел од цивилите и натаму бараат спас во Европа.

На седницата во Њујорк во Советот за безбедност, шефот на Мисијата за поддршка во Либија Гасан Саламе предупреди дека постојат загрижувачки знаци за мешање од во конфликтот од страна на странски земји, во кој сè повеќе се прекршуваат меѓународните закони за човекови права. Како еден од клучните проблеми на фронтот ги наведува постојаните напади врз единствениот функционален аеродром и медицинските објекти при што смртно страдаат невини луѓе. Ја повика меѓународната заедница да интервенира пред да се прошири крвопролевањето вон границите на земјата.

Гасан Саламе - Шеф на мисијата на ООН за поддршка во Либија

Либија се претвори во центар за експерменти со нови воени технологии и за рециклирање на старо оружје. Вооружени дронови, оклопни возила и камиони опремени со тешка артилерија, пушки, проектили и ракети се пренесуваат во Либија со директна поддршка од странски влади.

Либиската престолнина Триполи е под опсада на силите на самопрогласениот генерал Калифа Хафтар. Од април неговата Либиска национална армија води офанзива против владините сили при што загинаа стотици цивили. Илјадници бараат спас на европскиот континент. Италија е меѓу главните премини на медитеранската рута. 

- Миграцијата е проблем во целиот свет. Не е само во Италија, туку и во Шпанија, во цела Европа. Ние мора да живееме со нив, но само додека постои правична поделба на богатството.

- Никој не би тргнал да плови на слепо, без да провери какви се временските услови, особено ако носат деца, освен ако не се во очајна состојба.

- Решението е во европската солидарност.

- Јас сум за отворање на границите.

Годинава во водите на Средоземјето загинале над 600 мигранти. УНХЦР апелираше до САД да обезбедат дополнителна помош за загрозените категории, но и да се зацврсти борбата против оние што профитираат на туѓата несреќа, вклучувајќи ги и трговците со луѓе.