АВИОСООБРАЌАЈ

Три нови дестинации од двата аеродрома

31.07.2019 15:54

Нови дестинации од скопскиот и од охридскиот аеродром. Унгарски „Виз ер“ воспостави врски од Скопје до Турку и Ларнака, а од Охрид до Меминген.

Во базата во земјава позиционираше уште еден воздухоплов. Надлежните очекуваат да продолжи растот на превезени патници.

Авиокомпанија „Виз ер“ воведе три нови дестинации од македонските аеродроми и го стационираше петтиот воздухоплов во базата во Скопје. Главниот град се поврзува со фински Турку и со Ларнака во Кипар, а Охрид по конекцијата со Дортмунд од почетокот на месецов се поврза и со германски Меминген. На овие дестинации ќе оперира во среда и во недела.

„Авиолинијата, освен што ќе ја опслужува македонската дијаспора што живее во Турку и околината, ќе игра улога и за поврзување на двете држави за развој на економските односи и туризмот. Ларнака, со своето историско и културно наследство е друга интересна дестинација за нашите патници“, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на „ТАВ Македонија“

„Виз ер“ најави дека со новиот воздухоплов ќе ја зголеми фреквенцијата на летови до Гетеборг,  Хамбург, Базел, Келн и Малта. Меѓународниот аеродром во Скопје сега е поврзан со 44 дестинации, а охридскиот со 22, од кои 10 се редовни авиолинии.

„Годинава имаме 8 нови линии и го воведовме петтиот воздухоплов во нашата база. Со ова ние можеме да поддржиме и другите индустрии, со што се отвораат 1.400 работни места во индустриите поврзани со овие линии“, изјави Паулина Госк, претставник на „Виз ер“

Најфреквентна дестинација од земјава сè уште е Истанбул, па следуваат Цирих, Базел, Виена, Малме и Братислава. Податоците на ТАВ покажуваат континуиран раст на бројот на патници.

„На двата македонски аеродрома, заклучно со јули се превезени 1,4 милиони патници, што претставува раст од 11% во однос на лани. На Меѓународниот аеродром – Скопје е регистрирана позитива од 7%, а на охридскиот аеродром од 58%“

Унгарски „Виз ер“ за периодот 2019-2022 година доби субвенции од 5 милиони евра. За секоја нова дестинација, на компанијата и следува еднократна помош од 40 илјади евра. „Виз ер“ има пазарен удел од 65 проценти во вкупниот број на превезени патници.

 Новинар: Мартин Пушевски