Во среда, последна парламентарна седница во овој состав

03.03.2014 17:41

Опозицијата и овојпат отсутна на координативната средба кај спикерот Трајко Велјановски...

Во среда стартува последната седница на овој парламентарен состав со единствена точка распуштање на парламентот. Опозицијата и овојпат отсутна на координативната средба кај спикерот Трајко Велјановски. ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ се договориле по еден пратеник да ги образложи причините за распуштање на собранието. Дали ова ќе биде прифатливо и за опозициската СДСМ и ДПА засега останува непознаница.

Повеќе непознаници, поради одржувањето на предвремените парламентарни со вториот круг на претседателските избори, околу изборните рокови и за првиот човек на ДИК. Рилковски свика прес конференција за да го соопшти личниот став, бидејќи за ова како што изјави комисијата немала работна средба. За нотираните можни проблеми Рилоковски бара Министерството за правда или Владата да понудат решение, но досега како што изјави не стапил во контакт со нив.

Се надева дека партиите ќе ги расчистат дилемите.

„Постојат можности за политички компромиси. Ова се еден дел. Може ќе има уште, така да сигурно и овие кои што се повикани за распишување на избори имаат некоја опција во ситуација да се решаваат и на политички начин“, изјави Никола  Рилковски, претседател  на  ДИК.

Што со изборниот молк за претседателските и кампања за парламентарните избори? Објавувањето на анкетите, рекламирањето, составот на избирачките одбори се дел од дискутабилните работи за Рилковски, за коишто остава простор дека може да побара и толкување од Собранието.

Виолета Димовска