ИСТРАЖУВАЊЕ

Охридското Езеро ги открива климатските промени

06.09.2019 14:18

Добиените резултати- подлога за понатамошните истражувања и предизвик за секој научник што се занимава со истражувања на планетарните климатски промени

Според резултатите од повеќегодишното истражување  на седиментните наслаги под дното на езерскиот басен на Охридското Езеро, дознаваме дека  „Најстарото езеро во Европа ги открива климатските промени и временските услови за период подолг од милион години“. Ова е насловот на текстот објавен во специјализираното научно списание „Нејчр“ , во чие последно издание  е објавен текст посветен токму на Охридското Езеро.Резултатите се одлична подлога и за понатамошната работа и истражувањата на  експертите по геологија,  заради мноштвото податоци од кои можат да се утврдат климатските промени во овој дел на планетата низ период подолг од милион години. Анализата на извлечениот материјал и срцевината на седиментните слоеви траеше пет години и  даде можност за  добивање на речиси сигурни податоци за севкупните климатски промени што се случувале во текот на период од повеќе од милион  години.

Според добиените резултати, Охридското Езеро е едно од најстарите и најдлабоките во светот и како такво е  дел од природата повеќе од милион и 360 илјади години. Се смета за најстаро постојно езеро во Европа, додека останатите  езера во Европа не се постари од сто илјади години. Ова истражување и проучување на Охридското Езеро започнало пред 15 години, со цел да ја утврди неговата старост и подобро да се разберат климатските промени во регионот на Средоземјето. Со дупчењето се започнало   во 2013 година, со максимална длабочина на земените примероци од 568 метри. Седиментните наслаги сместени под самото езеро овозможиле  научниците да направат реконструкција на климатските промени низ историјата во регионот, како што е примерот со врнежите, пишува  „Нејчр“. Ова е прв случај  преку примероци на наслаги на седимент  да се утврдат промени во климата за толку долг временски период, по што податоците ќе можат да се споредуваат со постоечките модели за климатските промени.Истите ќе овозможат подобро разбирање на причините за настапувањето на сушни и врнежливи периоди низ  историјата, што ќе создаде услови за поточно предвидување на ефектите на климатските промени во иднина .

Со комбинирање на податоците добиени од геолошките истражувања на дното на Охридското Езеро и симулациите на климатски модели, научниците  добиле претстава за климата во централните и северните делови на Средоземјето. Според нив, климата во регионот на Медитеранот ја карактеризираат силни сезонски контрасти на топли и суви лета и зими со обилни врнежи, што се поврзува со нејзината зависност и меѓусебна поврзаност со тропската клима на африканскиот континент, особено изразена како последица на загревањето на морската површина во летните периоди.
Мошне е тешко календарски да се утврдат промените и врнежливите периоди за толку долг временски период - велат угледните геолози проф. д-р Бернт Вагнер и д-р Хендрик Вогел од Универзитетот во Берн.Сепак, податоците покажуваат дека низ времето се бележи намалување на атмосферскиот притисок во регионот на северниот Медитеран, особено во есенските месеци, што е последица на покачувањето на површинските температури во Средоземјето.

Но, истражувањето не се однесува само на минатото. Од нив можат да се воочат и недоследности кога станува збор за човечкиот фактор и неговото влијание врз климатските промени, како и климатските прогнози за Средоземјето во идниот период. Некои експерти предвидуваат посуви зимски периоди, други студени периоди со обилни врнежи. Токму новите податоци добиени од истражувањето спроведено на Охридското Езеро ќе бидат клучни во утврдувањето на иднината на климатските промени во Средоземјето, се наведува во стручниот текст на  специјализираното научно списание „Нејчр“.

Подготви-Јасмина Никова-новинар