Најскапиот гулаб е продаден за 1,3 милиони долари
Гулабот Армандо е продаден за 1,3 милиони долари и досега е најскапиот гулаб на светот.

Ова цена ја постигнал затоа што двајца пасионирани Кинези се наддавале да го купат. Армандо веројатно никогаш нема да лета туку ќе служи за размножување.
Гулабите се едни од најстарите препитомени птици. Илјадници години се користени за испраќање пораки, за забава па дури и за храна. Ценети се и поради својот изглед и поради брзината. Постојат на д 800 видови кои се одгледувани само заради изложби. Се до изумот на телеграфот во 1844 година гулабите пренесувале писма и пораки затоа што најбрзо поминувале стотици километри. Можеле да поминат и до 1600 километри во една трка. На пократки растојанија поминувале по 140 километри на час. Гулабите имале голема улога и во сите војни. Во Првата светска војна илјадници гулаби пренесувале важни пораки. На пример во 1907 година германскиот фармацевт Јулиус Нубронер преку гулабите испраќал лекови за војниците.
Денес нема многу гулаби што пренесуваат писма и пораки, но и понатаму се користат во светот. Гулабите се користат и во спортски цели и служат за забава и на посиромашните. Во Кина се посебно популарни зашто преку нив може да се дојде до огромно богатство. Луѓето вложуваат стотици илјади долари во овие птици кои се победници на трките. Наградните фондови за победниците се огромни. Купувачите од Кина се меѓу најпасионираните во светот. За последниве неколку години за овој бизнис се свртеле неколку милиони долари. Додека во некои делови на светот се намалува бројот на одгледувачи на гулаби, во Кина се зголемува , на пример во Пекинг има над сто илјади, а во Тајван речиси половина милион.
Соња Стојановска
