СУБВЕНЦИИ

Исплатена дополнителна поддршка за лозарите

06.09.2019 13:21

Пари на сметките на над 6 илјади лозари. Добија дополнителна субвенција.

Откупот е на средина. Просечните цени сè уште се под барањата на производителите. Надлежните ја следат состојбата.

На сметките на 6.240 лозари легнаа над милион евра, дополнителна субвенција од денар за килограм предадено грозје во регистрирани винарски визби. Министерството за земјоделство соопшти дека е комплетирана реализацијата на субвенциите во лозарството. Пред почетокот на новата производна сезона се исплатени повеќе од 15 илјади лозари со вкупно 9 милиони евра за одржување на насадите. Откупот е веќе на половина. Надлежните велат дека разговараат со винарниците за корекции кај шеќерните единици.

„Во овој период, кога е актуелен откупот на грозјето, ние внимателно ја следиме состојбата и сме во комуникација со лозарите и со винарниците. Разговаравме за интервентната мерка за еден денар повеќе од лани. До денес се откупени над 11 милиони килограми грозје.Просечната откупна цена на „Вранец“е 12,58 денари, а за „Смедеревка“ е 11 денари“, изјави Трајан Димковски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство

Засега останува интервентната мерка од денар за килограм, но продолжува да се следи откупот.

„До денес, заедно со овие средства, Платежната агенција исплати 306,7 милиони евра. Ова се средства што се вратени на сметките на земјоделците и на граѓаните“, изјави Николче Бабовски, директор на Платежната агенција

Националната федерација на фармери бараше минимална заштитна цена за грозјето рамна на производствената, 16 денари за „Смедеревка“  и 17 за „Вранец“, кои се над актуелните. Лозарите од Кавадарци деновиве излегоа и на протест со барање за повисоки цени. Годинава во лозарството се очекуваа повеќе приноси, но грозјето калираше поради сушата.

Новинар: Мартин Пушевски