ЛОНДОН

Британскиот Горен дом против Брегзит без договор

07.09.2019 18:21

Премиерот Џонсон ќе мора да бара од ЕУ одложување на рокот

Домот на лордовите го изгласа нацрт-законот за блокада на Брегзит без договор.  Премиерот Џонсон мора да бара продолжување на рокот за излез од Европската Унија до 31 јануари... Неговиот предлог за вонредни избори наиде на силен отпор кај опозицијата... Во Брисел и натаму нема расположение за нови преговори за договорот за Брегзит.

По Долниот дом во Вестминстер, и Домот на лордовите го одобри нацрт-законот за спречување на Брегзит без договор до 31 октомври. Доколку биде потпишан од Кралицата Елизабета Втора в понеделник, документот ќе биде официјализиран како закон. За да се избегне сценариото без договор до закажаниот рок, премиерот Борис Џонсон треба да бара од Брисел тримесечно пролонгирање на терминот за излез на Велика Британија од ЕУ, односно најдоцна до 31 јануари, ако Парламентот и Брисел не постигнат договор до 19 октомври. Тој инсистира на вонредни избори за да можат гласачите да одлучат кој и како ќе преговара за Брегзит. Но неговите опоненти се против оваа идеја. За распишување на избори е потребно двотретинско мнозинство во Долниот дом.

Борис Џонсон - Премиер на Обединетото Кралство

Им предложив избори и одбија.  Можеби бидејќи не веруваат дека ќе победат. Се надевам на Британија каде веќе нема да се расправаме околу тоа како ќе излеземе од Европската Унија. Сакам да водам земја каде што се гради прекрасно ново партнерство со пријателите преку Каналот.

Лидерот на Партијата за Брегзит, Најџел Фараж тврди дека Конзервативната партија не може да победи на изборите доколку се бори против неговото движење. Им нуди т.н. „неагресивен пакт“ и пратенички места од каде што Партијата за Брегзит ќе може да води кампања во полза на Ториевците.

Најџел Фараж - Лидер на Партијата за Брегзит

Ако се обедини поддршката за конзервативците на Борис Џонсонс и поддршката за Партијата за Брегзит, ништо нема да нè запре на изборите. Загрижен сум за демократијата, за земјата која ја разви парламентарната демократија, којашто ја прошири низ целиот свет. За земјата чијшто демократски систем го деградираат сега.

Брисел му порача на Лондон да не очекува нови преговори за Брегзит.

Гај Ферхофштат - Пратеник во Европскиот Парламент

Ги прашавме што содржи нивната алтернатива за проблемите кои се очигледни сега. Но не го сторија тоа. Немаат алтерантивни планови, идеи, а велат дека се преговара во британскиот Долен дом. Тие само зборуваат, постојано објаснуваат што е невозможно за нив. Веќе три години слушаме што е невозможно. Сега сакаме да знаеме што е изводливо за нив.

Од владејачката Конзервативна партија Џонсон веќе исфрли дваесетина членови кои беа на страната на опозиционерите при усвојувањето на нацрт-законот за Брегзит во Долниот дом. Протераната група Ториевци сега формира правен тим и подготвува законска  постапка во случај Џонсон да одбие да бара одложување на рокот.

Поради политички несогласувања, неодамна од министерската функција се повлече и неговиот брат Џо Џонсон.