РУСИЈА

Локални и регионални избори по масовните протести на опозицијата

08.09.2019 15:57

Парламентарни избори во 2021 година

Локални избори во Русија по неколкунеделни опозициски протести. Над 7 милиони граѓани избираат гувернери и пратеници во законодавните собранија. Гласачките места се опремени со современа технологија за да се гарантира транспарентност во целиот процес.

По политичките превирања во Русија, со најголемо внимание се очекува резултатот од гласањето за составот на московската Дума каде што доминира владејачката партија „Обединета Русија“ предовдена од претседателот Владимир Путин. Поради намалениот рејтинг во дел од анкетите, нејзините членови влегоа во изборната трка како независни кандидати. Аналитичарите предупредија - резултатите ќе имаат суштинско влијание врз обликувањето на политичката иднина на земјата со која веќе трета деценија владее актуелниот шеф на државата. Путин му дава предност на квалитетот, а не квантитетот на избрани кандидати.

Владимир Путин - Претседател на Русија

Не е важно колкумина функционери ќе имаме во москвскиот парламент, важен е нивниот квалитет. Се надевам дека имаме вредни кандидати.

Гласањето се смета и за своевиден тест за способноста на жестокиот критичар на Кремљ, лидерот на опозицијата Алексеј Наваљниј, да ја мобилизира својата струја пред парламентарните избори во 2021 година. Тој беше уапсен на протестите против забраната за кандидирање на триесетина опозициски претставници, од кои повеќето беа негови сојузници. Зад решетки завршија над 1000 демонстранти. За Путин, полициската интервенција била неопходна за да се спречи насилството низ улиците, како она на „Жолтите елеци“ во Франција. 

Изборите се одржуваат и откако Москва и Киев ја спроведоа долгоочекуваната размена на 70 затвореници со што беше направен чекор напред кон окончување на петгодишниот конфликт по анектирањето на Крим од страна на руските сили.