По 35 години враќање на театарот во градот под „Царевите кули“

03.03.2014 18:13

Прв театар во Источна Македонија. Прв театар со камерна сцена. Прва награда „Свети Климент Охридски“ за актерскиот колектив.

Долг список имиња на доајени на македонското глумиште. Уште многу придобивки и спомени има запишано во досега опустошените ѕидови на стариот струмички театар. По 35 години, почна неговото возобновување. Со тоа, се очекува и повторно заживување на културниот живот во градот под Царевите кули.

-Но и се надградуваат, не само современите театарски форми и содржини, туку и современо ќе се обликуваат и збогатуваат со нови содржини и естетските поимања на граѓанството, посочи Васил Ѓоргиев- директор на Завод и музеј, Струмица.

Објектот на театарот треба да биде готов за 18 месеци. За него, ќе бидат потрошени 3,6 милиони евра. Освен екстериерот, уреден ќе биде и ентериерот со карактеристичните стари орнаменти, а Театарската куќа „Антон Панов“ ќе биде и комплетно аудио и визулено опремена со најсовремена техника.

-Ентузијазам со кој и во иднина, во новиот струмички театар ќе се развива театарската, но и сите други мултимедијални дејности во културата, нагласи, Елизабета Канческа Милеска- министер за култура.

Макотрпно работевме, за проектот да го доведеме до оваа фаза, истакна премиерот Никола Груевски. Тој нагласи дека и понатаму ќе продолжат со проекти за опремување на театарските куќи низ Македонија.

- Со оглед на ваквата ситуација, изградбата на театарот влезе во нашата програма, и ние цврсто застанавме позади неговото возобновување. Ветивме дека ќе го изградиме и не заборавивме на нашето ветување. Повеќе години макотрпно работевме за да ги спроведеме сите потребни постапки. За проектот конечно да почне со својата реализација. Не беше ниту лесно, ниту едноставно. Но тоа што го зацртавме бевме силно посветени да го исполниме. И го исполнивме. Во текот на денешниот ден, утрово го добивме и одобрението за градба, истакна претседателот на Владата на РМ, Никола Груевски.

Стариот струмички театар напуштен во 1979-та, последен пат комплетно беше опожарен во 2001-та година.