Страв од болести и претерана грижа за здравјето
Кога некој е потполно преокупиран со страв од тешки болести, постојано пронаоѓа, препознава и анализира симптоми во своето тело, е знак дека се случува психосоматско пореметување наречено хипохондрија.

Стравот од болести постои кај секој човек, но, не до степен на обземеност. Ако некој постојано реагира и на најмал симптом и тоа го доживува како потврда на своите уверувања, тоа значи дека нема волева контрола над своите сетила и чувства. Тој го забележува тоа што за другите е невидливо. И тоа навистина го доживува, не глуми. Вниманието на хипохондерот постојано е насочено на неколку органи најчесто на срцето и на органите за варење. Длабоко верува дека болеста навистина постои и бара од лекарите понатамошни дијагностички процедури за да се смири. Ако види дека нема болест може да се смири, но симптомите набрзо се враќаат. И понатаму постои стравот од болест и уверувањата дека е болен и почнува да се сомнева во поставената дијагноза. Почнува да истражува на интернет да се распрашува кај други лекари и луѓе дали имаат исти симптоми. Хипохондер најчесто претерува со здрава храна и препарати на природна база кои може да бидат и контрапродуктивни, затоа што се што е природно не мора задолжително и да биде здраво, особено ако се мешааат разни работи.
Сето ова предизвикува големо психичко оптоварување така што паралелно со болеста е присутна и анксиозност и депресија. Психолошките симптоми се плашливост, тескоба, внатрешен немир и напнатост, намалена концентрација, раздразливост, зголемена чувствителност на бука и пореметување на спиењето. Телесни симптоми се силно биење и прескокнување на срцето, чувство на недостиг на воздух и отежнато дишење, напнатост во градите, сува уста, грчеви во желудникот.
Причините за развој на хипохондријата се различни и многу индивидуални за секоја личност. Тоа може да биде потребата за внимание, на пример ако во детството таа личност била занемарувана, злоставувана. Може да биде страв од смрт, страв откако ќе се изгуби блиска личност или долготрајна болест на близок човек. Хипохондријата може да се јави и доколку во детството родителите се поставиле претерано заштитнички и сега светот го доживува како опасно место за живеење. Може да се појави и како резултат на нарцисоидност. Игнорирањето на проблемот на хипохондерот е најлоша реакција и нема да му направиме услуга. Хипохондерот постојано зборува за својата болест, погрешно поставените дијагнози, нестручност на докторите, и многу ретко се запрашува себе си која е неговата улога во сето ова. Често пати превзема улога на жртва. Во разговор со таква личност добро би било да се поставуваат прашања кои ќе го наведат на размислување која е неговата улога во целата приказна. Хипохондерот во психолошка улога на жртва нема капацитет да го реши својот проблем. Може да му испратиме јасна порака дека веруваме дека ги има сите потребни особини да го реши проблемот, доколку е свесен за него.
Доколку личноста не е свесна за проблемот, добро би било да ѝ се стави до знаеење дека го разбирате нејзиниот страв, но вие гледате дека не е реален. Добро е да се насочи да поразговара со доктор или психолог. Најчесто хипохондерот прифаќа ваква промена затоа што е тешко да се живее во постојан страв. Психотерапијата е долготраен процес бидејќи се работи на отстранување на причините , а не на симптомите. Доколку се пронајде коренот на стравот и причините за симптомите, личноста може да научи на адекватен начин да ги задоволи своите и потребите на другите.
