СВЕТ

Климатски промени

10.09.2019 11:10

Поради глобалното затоплување Шведска го загуби својот највисок планински врв

Според најновите мерења како последица на забрзаното топење на мразот од ледениците на планинскиот масив Кебнекаисе,Шведска  го изгуби највисокиот врв

„Ова е прилично јасен показател за сите во Шведска дека работите се менуваат“, изјави Гунхилд Нинис Росквист - научник од Универзитетот во Стокхолм, која веќе неколку години се занимава со мерење на нивото на глечерите.

На крајниот север на Шведска, околу 150 километри во Арктичкиот круг, се наоѓа масивот Кебнекаисе кој има два врва: јужен и северен. Откако почнале мерењата, во далечната 1980 година, јужниот врв бил повисок. Но, кога Нинис Росквист и нејзиниот тим го извршиле годинешното мерење, северниот врв бил за 1,2 метри повисок од јужниот и имал висина од 2.097 метри.

Според претходните мерења, јужниот глацијален врв бил висок 2.106 метри.

„Се сомневавме дека е така уште минатата година, но, за жал, поради недоволно прецизната опрема за мерење не бевме во можност тоа да го потврдиме. Но сега можеме“ изјави Росквист за Гардијан и додаде дека јужниот врв сега е рекордно низок, 24 метри понизок отколку што бил во 1960-тите.

Имајќи предвид дека се очекува во текот на зимата во одредена мера да се поправи глечерот поради наносите на снег и мраз, јужниот врв би можел повторно, барем некое време, да го преземе водството.

„Сега тие некое време ќе се менуваат во тоа кој е повисок. Но трендот на намалување на висината е јасно видлив“, вели Росквист. 

Шведска овој мај и јули ги забележа најтоплите месеци во историјата, со температури повисоки за 10 Целзиусови степени од просекот. Кога на тоа ќе се додадат пожарите кои неодамна го пустошеа Арктикот, јасно е зошто годинава глечерот Кебнекаисе се намалил за речиси четири метри.