Започна новата академска година за студентите од Универзитетот “Трето доба”
Со едукација, забава и заеднички патувања- нова смисла и нова содржина на животот на пензионерите

Повеќе од 100 луѓе над 50-годишна возраст ја посетуваат наставата во рамки на програмата за доживотно учење,што ја реализира Универзитетот “Трето доба”.Со едукативни предавања, заеднички патувања, обележување на прослави и други активности пензионерите-студенти добиваат нова содржина и смисла на животот. Ако депресијата , осаменоста и песимизмот во пензионерските денови се заменат со едукација, оптимизам и другарување, сме го нашле патот за долговечност.Ова е мото на пензионерите од Универзитетот” Трето доба”, кои се подготвуваат за новата академска година., што официјално започна на 6-ти септември во просториите на Филозофскиот факултет на УКИМ.
Третото доба е период кога треба да направиме се што не можевме додека работевме. Во пензионерските денови, добиваме нова улога во нашето семејство кое не вреднува според висината на пензијата, или со извршувањето некоја бебиситерска задача. Тоа е она што ние сакаме да го смениме, слободното време да го исполниме на начин што нам ни одговара, а пензионерските денови , освен со забава и дружење, да ги поминеме надвор од домот, со нашите врсници кои имаат уште многу што да кажат и да покажат - вели м-р Томислав Димишковски, претседател на Универзитетот “Трето доба”
Иако некои од нив се високо образувани и оддамна докажани во општеството, сепак со задоволство ја следат наставата организирана од Универзитетот. Повеќето од нив истакнуваат дека немаат неоправдани изостанувања. На Универзитетот “Трето доба” се учат нешта што овозможуваат поквалитетен живот во третото доба.
Студент на Универзитетот може да стане секој човек што сака да се надградува и да внесе промени во својот живот. Месечната членарина чини симболични 50 денари.
Универзитетот е формиран во 1999 година, како едукативна волонтерска организација од Активот на пензионираните просветни работници, при Градскиот одбор на Сојузот на пензионерите.Наставата започнала со 20 студенти. Денес се повеќе луѓе доаѓаат на курсевите и ја следат наставата и кругот на пријатели се шири.Тие веќе станале семејство – па заеднички слават родендени, патуваат, организираат прошетки и приредби. Наставата и дружењето им помагаат да ја надминат монотонијата и депресијата.
Годинава, со повеќе активности пензионерите-студенти се подготвуваат за одбележување на 20-годишнината од постоењето на Универзитетот и потсетуваат дека финансиска помош и поддршка од општествено-одговорните граѓани и компании значително би им помогнала достојно да го одбележат овој значаен јубилеј.
Јасмина Никова
