Европски пари за македонските општини
Локални патишта, водоводи и канализации, градинки, проекти за заштита од поплави и за подобрување на животната средина.

Со пари од Европската унија се реализирани проекти за рурален развој во речиси сите општини низ земјава. Искористеноста на оваа програма изнесува цели 98 проценти.
Европски пари за македонските општини. Со ИПА грантот за рурален развој се реализирани 135 проекти во речиси сите локални самоуправи. Средствата се искористени за подобрување на инфраструктурата и за подигнување на квалитетот на живот на населението. Вкупната вредност на проектите изнесува 1,3 милијарди денари.
„Ако сакаме да имаме квалитетен и еднаков рамномерен развој мораме да го подобриме животот на сите граѓани. Не можеме да зборуваме за модерна држава доколку немаме атмосферска канализација. Не смееме да дозволиме училиштето „Киро Глигоров“ да остане единствено модерно училиште во земјата. Преку капиталните инвестиции ние инвестираме во нашата иднина“, изјави Нина Ангеловска, министерка за финансии
Капиталните инвестиции од оваа протрама се реализирани со 98-процента успешност. Со парите се изградени локални патишта, водоводи и канализации, градинки, се реализирани проекти за заштита од поплави, за обновливи извори на енергија, за справување со отпад.
„Резултатот од овие речиси 200 проекти е пример за добра инвестиција, реализирана од европските фондови. Ние сме одлучни во иднина да бидеме уште поприсутни во општините“, Самуел Жбогар, шеф на делегацијата на ЕУ во земјава
Првиот човек на Светска банка во земјава најави дека со Владата се водат разговори за нов проект за изградба на патишта.
„Ние, како Светска банка планираме да останеме ангажирани на локално ниво. Во моментов разговараме со Владата за нов можен проект за локални патишта, работиме да обезбедиме 70 милиони евра, како што вели премиерот, што е можно поскоро. Но, не се работи само за пари, како Светска банка се обидуваме да направиме разлика и да изградиме долгорочни капацитети“, изјави Марко Мантованели, директор на Канцеларијата на Светска банка во земјава
Од Владата оценуваат дека со ваквите проекти значително е подобрена руралната инфраструктура и се намалуваат регионалните разлики.
Новинар: Мартин Пушевски
